Иако има само 9 години, Максим веќе им одржа голема лекција на многу возрасни…
Максим Каевски е 9-годишен основец, кој неколку години ја пушта својата коса, со цел да ја донира за перика за дете болно од рак. Иако овој изглед му се допаѓа, бидејќи го потсетува на неговите идоли, сепак примарната цел е да направи хумано дело.
Поради неговата коса, Максим често е мета на навреди од страна на неговите врсници, но како што истакнува, не го навредуваат неговите другари, туку оние деца кои не го познаваат и кои не ја знаат причината за тоа.
„Кога сум на училиште, најчесто кога одам да мијам раце на одмор, децата ми велат: „Ова е машки тоалет, женскиот тоалет е таму!“. Јас им кажувам: „Јас сум машко, не сум женско!“. Се чувствувам навреден, не ми е убаво. Моите другари не за задеваат за мојата долга коса. Само некои други деца кои не ме знаат и мислат дека сум девојче“ – вели Максим.
За тоа како да се справи со навредите, голема улога одиграл неговиот татко, кој го советувал како да им одговара на децата кои го навредуваат. Досега неколку пати помислил да ја скрати косата, за да ги избегне нагативните коментари на своја сметка, но сепак неговата желба да помогне победила.
„Јас си кажав: „Не, не може повеќе вака, ќе си ја ишишам косата и нема повеќе да ме задеваат“. Ама не, сфатив дека има деца на кои им треба помош. И тие се срамат заради нивната коса и тоа треба да се победи некако. Треба да се победат децата кои ги задеваат децата без коса“
Колку е истраен во сево ова, говори и фактот што откако ќе му порасне уште неколку сантиметри и ќе ја донира, Максим повторно ќе го повтори целиот процес.