Манчестер Сити шести пат со ред во полуфиналето



Фудбалерите на Манчестер Сити се пласираа во полуфиналето на овосезонското издание на  англискиот ФА Куп, откако на својот стадион „Етихад“ го совладаа Њукасл со 2:0.

Манчестер Сити со тоа стана првиот тим во историјата кој шести пат во низа се пласира во полуфиналето на ова престижно натпреварување. Херој во победата на Сити беше португалскиот фудбалер Бернардо Силва, кој ги постигна двата гола во текот на првото полувреме. Тоа се случи во 13. и 31. минута, а во двата случаи по неговиот шут топката удри во дефанзивците на Њукасл и го смени правецот.

Во продолжението од натпреварот Манчестер Сити можеше да постигне уште неколку погодоци, но првенствено Халанд не беше особено инспириран оваа сабота.

Претходно во саботата фудбалерите на Ковентри први се пласираа во полуфиналето откако со два гола во судиското надополнување го совладаа домаќинот Вулверхемптон со 3:2. Сите голови на натпреварот, кој кулминираше на самиот крај, беа постигнати во текот на вториот дел.

Ковентри, моментално осми во англиското првенство, поведе со голот на Симс во 53. минута и водеше до 83. кога започна неверојатната завршница. Пресвртот го направи прволигашот Вулверхемптон. Алжирецот Аит-Нури израмни во 83. минута за 1-1, додека пресвртот дојде во 88. кога Уго Буено постигна гол за, како што изгледаше, победа од 2:1 за Вулверхемптон.

Но натпреварот беше далеку од завршен, бидејќи Симс по вторпат во мечот со глава реализираше во 97. минута за израмнување на 2:2, додека Рајт ги шокираше сите на стадионот точно во 100. минута. Погоди од 15 метри откосо за победа на Ковентри и пласман во полуфиналето.

Преостанатите два четвртфинални натпревари ќе се играат в недела, а двојките се Челзи – Лестер и Манчестер Јунајтед – Ливерпул.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: