Чадот од марихуана може лошо да влијае врз миленичињата и да го загрози нивниот живот, според германската ветеринарка Моира Герлах.
– Додека пушите марихуана, секогаш внимавајте Вашите миленици да не се во собата. Но, и ако Вашето куче случајно ги изеде вашите „колачиња“ (со марихуана), веднаш контактирајте го вашиот ветеринар. Доколку пак, минале помалку од два часа откако животното го проголтало колачето, ветеринарот може да предизвика повраќање за да се исфрли штетната материја. Но, дури и ако подоцна забележите дека колачињата ги нема, сепак треба да се консултирате со ветеринар. Важно е и да не лажете за консумирањето канабис. Искрено пријавете што зело животното, препорачува Герлах.
Доколку не се знае дали домашното милениче проголтало канабис, тоа може да се препознае по симптомите на интоксикација. Невролошки симптоми, како проширени зеници, тетеравење, тресење, грчеви, како и лигавење или повраќање – тоа се најчестите знаци.
Сериозноста на симптомите може да варира во зависност од животното и количината што се внела. Марихуаната може да влијае и така што животните ќе покажат немир или апатија, како и зголемена гласност, агресивност, гризење. Во случај на вакви појави, Герлах препорачува итна консултација со ветеринар.