Материјалниот успех не е мерило на вашата вредност

Многу луѓе ја мерат својата лична вредност според тоа колку пари заработуваат, каков автомобил возат, каква облека носат, колкав им е станот или куќата и дали нивната трева е позелена од онаа на соседот.
Материјалниот успех не е мерило на вашата вредност
Но, истражувањата покажуваат дека штом се обезбедат основните физички потреби (храна, покрив над глава и слично), корелацијата помеѓу среќата и материјалниот успех е еднаква на нула. Секако, ако немате што да јадете и живеете на улица без покрив над глава, едно 10.000 евра сигурно ќе влијаат на вашата среќа. Но, ако живеете просечно во некоја развиена земја, дополнителните 10.000 евра годишно нема значително да ви влијаат особено ако се претепувате од работа за да ги заработите.


Исто така, според едно неодамнешно истражување, тетраплегичарите се посреќни од добитниците на лото. Како е тоа можно? Што зборува тоа за врската помеѓу надворешниот свет и внатрешните состојби како што се задоволството и среќата?
На материјалниот успех често му се дава предност во однос на другите вредности како што се чесноста, ненасилството и сомилоста. Кога луѓето се вреднуваат себеси не според своето однесување туку според својот статусен симбол, тогаш тие се само плитки и веројатно ги искористуваат другите за да го достигнат посакуваниот материјален статус.
Во продолжение, прочитајте ги мудрите зборови на психотерапевтот и духовен учител Антони де Мело на оваа тема:
„Таквата личност се грижи само што ќе мислат нејзините деца за неа, што ќе мислат соседите, што ќе мисли брачниот партнер. Размислува дека би требало да стане позната личност. Нашето општество и култура тоа деноноќно ни го влеваат во главите. Успешни луѓе! Што успеале? Успеале од себе да направат магариња бидејќи целата своја енергија ја потрошиле на здобивање нешто безвредно. Исплашени се и збунети, марионети, како и сите други.
Погледнете ги како се шепурат на сцената. Како се срамат ако кошулата им е со дамки. Тоа го нарекувате успех? Погледнете како се плашат дека можеби нема повторно да бидат избрани. Тоа е успех? Со нив управуваат, манипулираат. Тоа се несреќни, мизерни луѓе. Тие не уживаат во животот. Секогаш се напнати и нервозни. Може ли тоа да се нарече човек? Но, знаете ли зошто се случува тоа? Постои само една причина: тие се поистоветиле себеси со некоја етикета. Тие своето ‘јас’ го поистоветиле со своите пари, работата или професијата. И тука погрешиле.
Среќата е наша природна состојба. Среќата е природна состојба на малите деца на кои им припаѓа сето богатство на светот сѐ додека општеството или културата не ги расипат со својата глупавост.
За да остварите среќа не мора да правите ништо бидејќи среќата со ништо не може ни да се стекне. Ние веќе ја поседуваме. Како би можеле да стекнете нешто што веќе го имате? Тогаш, зошто не ја доживувате? Затоа што морате од нешто да се ослободите. Не морате ништо да додадете за да бидете среќни, морате да исфрлите. Но, морате да ги отфрлите илузиите. Животот е лесен, животот е убав. Тежок е само за вашите илузии, амбиции, вашата лакомост, вашата стрв.“
Не можеме да постанеме среќни под влијание на надворешни работи, а мерењето на успехот со материјални ствари е всушност само по себе – неуспех!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.