Матуранти повторно споделувале тестови на вибер






Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Билјана Михајловска во изјава за медиумите истакна дека државната матура вчера во некои училишта поминала беспрекорно, но во одредени имало проблеми кои ги решавале тековно. Повторно имало споделување по вибер групи на тестовите по англиски јазик и по математика.

„Повторно имаше вибер група во која беше споделен тестот по математика во 9: 53 часот и тестот по англиски во 9:45 часот, на истиот начин како и минатиот пат кога беше споделен тестот по македонски јазик, односно празен тест кој ученикот го сликал и бара од другите членови од групите да му помогнат во одговарањето. Овој пат вибер групата англиски имаше три илјади ученици, не знам дали се сите ученици бидејќи и ние бевме дел од таа група. А групата математика околу 300-400 корисници. Не видовме одговори кои би потекнале од кај нас, нешто што е изработено од кај нас, туку на истиот начин, и овој пат беше фотографирано веднаш кога се поделени тестовите, неколку минути пред да почне испитот со таа разлика што овој пат бевме малку поостри во однос на дејствувањето. Сите ученици кои фотографиле и кои успеавме да ги лоцираме со име и презиме во вибер групата и кај кои набљудувачите најдоа телефон, беа отстранети од испитот“, истакна Михајловска.
Информира дека имало и еден инцидент во средното училиште „Мирко Милески“ во Кичево, каде родител на ученик кој бил отстранет од испитот заради поседување на телефон, вербално ги нападнал набљудувачките од МОН и Бирото за развој на образованието.
„Имавме и еден инцидент. Во едно училиште влезе родител кој вербално ги нападна набљудувачките кои ги отстраниле двата ученика кои користеле телефони. Побаравме интервенција од полицијата. Побарав да влезе полицијата во објектот, затоа што набљудувачките од МОН и БРО беа исплашени. Родителот е повикан во станица и ќе добие пријава за неовластено присуство во службени простории и пријава за реметење на јавниот ред и мир“, соопшти Михајловска.
На прашањето како успеале учениците да внесат телефон во просторијата каде се одржувал испитот, Михајловска рече дека еден телефон оставаат, но носат уште еден телефон во џебовите.
Учениците кои биле отстранети од испитот ќе имаат можност да полагаат во испитната сесија во август.
„Тие ученици паднале и за нив завршил испитот, меѓутоа ќе паднат и еден куп други ученици ако препишувале затоа што тоа ќе го најдат нашите оценувачи. Не знам колку се точно, затоа што не се отворени сите материјали. Под она што ми беше јавено по телефон, знам дека имаме барем во десеттина градови интервенција и отстранување на повеќе од еден ученик во некои училишта што покажува дека на тие места не си ја завршиле сите работата. Нашите набљудувачи во исто време кога ги отстрануваа ученици, ги отстрануваа и тестаторите“, рече Михајловска.
Матурантите вчера го полагаа вториот, изборен екстерен испит од државната матура. Најмногу кандидати (13 198) се пријавени за тестот по англиски јазик. Испитот по математика ќе полагаат 1356, за германски јазик биле пријавени  114, 37 за француски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат имало за руски јазик и за филозофија. Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.

Извор








Пронајдете не на следниве мрежи: