Мерките се олабавуваат, почнаа со работа моловите, обложувалниците, стоматолошките ординации

Мерките во земјава почнаа да се олабавуваат, а од вчера согласно одлуката на Влада почнаа со работа дел од моловите, спортските обложувалници и автошколите. Веќе од вчера преку центрите за едукација за возрасни може да се спроведуваат обуки и семинари. Се отворија и автоиспитните центри и Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје. По препорака на Комисијата за заразни болести од вчера почнаа со работа и стоматолошките ординации во земјава кои се должни да се придржуваат кон протоколите и упатствата за работа.
Моловите ќе работат секој ден освен во недела, со ограничено скратено работно време од 10 до 18 часот, но не е дозволено примање гости во рестораните и кафулињата освен преку систем на нарачка или достава.


Мерките попуштија и во однос на службените патувања надвор од земјата за избрани и именувани лица заради координација и други итни причини кои не трпат одлагање, но со почитување на протоколите на Комисијата за одржување потребно растојание.
Се очекува Владата идната недела да го донесе планот за отворање на угостителските објекти, но тоа ќе зависи од епидемиолошката состојбата и почитувањето на мерките.
Попуштањето на рестриктивните мерки како процес ќе се одвива во три фази согласно развојот на епидемиолошката состојба.
Првата фаза е тековно функционирање на стопанските дејности во време на прогласена вонредна состојба и ограничено движење на населението на целата територија на државата со постепено намалување на времето за забрана на движење. Втората фаза како транзициона фаза е иницијално воспоставување на работните активности со почитување на препорачани мерки и стриктни протоколи за работа во услови на превенција и спречување на појава и ширење на Ковид-19. Третата фаза предвидува потполно враќање на редовниот работен процес со почитување на основните мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање.
Меѓу секоја фаза ќе следи преглед и проценка на актуелната ситуација и одново одлука дали се исполнети условите да се продолжи олабавувањето на мерките во секоја следна фаза.
Сите следни чекори ќе зависат од три критериуми – дали пандемијата е ставена под контрола, дали здравствениот систем е во состојба да се справи со повторно појавување на случаи и дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и да управува со случаите и контактите и да идентификува повторување на случаи.
Владата се уште не размислува за скратување на полицискиот час, но може да се наметне потребата во периодот што доаѓа посебно заради тоа што економските оператори постепено ќе се враќаат во функција.
Премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека Владата прави проценки дали ќе се продолжи вонредната состојба.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.