Меџити очекува дестабилизација на „Европскиот фронт“ на ДУИ

Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити го одби повикот од ДУИ и од „Европскиот фронт“ за неговата коалиција „Вреди“ да излезе од Владата и им се приклучи, за „заедно да му ги покажат црвените линии на премиерот Христијан Мицкоски“, Одговарајќи на новинарско прашање на денешната пред-конференција, на која даде отчет за сработеното во првите 100 дена од новата влада, Меџити до нив упати порака да работат на себе.

„Има демократско правило барем првите 100 дена да се остават како простор на новата влада. Ќе им порачам малку да работат на себе за да бидат атрактивни на политичката сцена. Ние овие 100 дена се занимаваме со нивните погрешни решенија или делумно незавршени решенија“, одговори Меџити.

Сличен одговор тој имаше и до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) – да се посветат на внатрешните односи и на реформите кај нив, коментирајќи го повикот на опозицискиот лидер Венко Филипче да се свика затворена собраниска седница за следните чекори за евроинтегративниот процес.

„Мислам дека Владата ја диктира агендата и работи на тоа што има ветено и што е нејзина програма, а еден од главните приоритети се евроинтеграциите. Опозицијата имаше доволно време, осум години беа на власт не покажаа ништо. Ние сме посветени на агендата, а тие треба да се посветат на себе си и на реформата внатре кај нив“, рече вицепремиерот.

На прес-конференцијата Меџити беше прашан и околу информациите за излегувањето на Мендух Тачи од „Европскиот фронт“ и дали имал комуникација со него за приклучување на владејачкото мнозинство. На ова, Меџити кратко одговори „не“.

Но, тој, на прашањето дали со други пратеници од „Европски фронт“ има комуникација, рече дека ќе има случувања и ќе има поголема дестабилизација таа коалиција и оти ова е само почеток.

„Не се навикнати да бидат опозиција, значи сакаат по секоја цена да бидат власт. Нив ниту идеолошки ниту минатото ги споило. Тие се заедно како ‘Европски фронт’ не заради европски вредности или некоја идеологија, туку единствена нивна цел е да бидат на власт. Моментот кога нема власт нема што да ги спојува, полека но сигурно не се дестабилизира ниту владата или државата, туку се дестабилизира ‘Европскиот фронт’. Ова е само почеток на нивниот крај“, рече Меџити.

Тој смета дека не е сериозно, ниту искрено барањето на ДУИ за ветинг на политичарите.

„Ако ДУИ беше сериозна во желбата да се реализира ветинг на политичарите, тие имаа време тоа да го направат. Под притисок на јавноста велат дека се за борба против корупцијата, но, ако им била искрена целта тоа ќе го направеа во минатото. Владата во еден од своите пет приоритети ја има и борбата против корупцијата. Последниот збор го има Обвинителството“,додаде Меџити.

Пронајдете не на следниве мрежи: