Околу кризата во ДПМ и фијаското со повлекување кандидатури
Јас прво мислам дека мора да го сочуваме Друштвото на писателите на Македонија, тоа е дел од нашата културна историја. Но, искрено речено не го знам патот како да го направиме тоа. Сигурно е дека е тоа извонредно значајна институција, Тоа има веќе своја историја. уште од крајот на 40 после Втората светска војна се собираат сите уметници во едно друштво, тоа не беше само на писателите, туку воопшто на сите уметници. После настанаа некои промени, тука седеле првите членови основачи на Друштвото и сите генерации поминале оттука, жално е сето тоа да се пропушти на едно стихијно пропаѓање. Мислам дека Друштвото не успеа да се снајде во транзициските услови, да не ја осмисли својата структура. Се сеќавам дека по осамостојувањето на Македонија дојде тогашниот Министер за култура во Друштвото и не праша: Што сте вие ? Синдикат на писатели или не? Не, за жал ние немаме синдикат. Тоа друштво не можеше или не сакаше да се претвори во еден синдикат кои ќе ги брани правата на писателите, Меѓутоа тоа ни е извонредна значајна институција, мора да го спасиме тоа Друштво некако. Не сум сигурен колку се замеша политиката во тоа друштво. Немаме цврст статус, сето тоа така плива, нејасно е која е улогата на Друштвото, што работи тоа Друштво и затоа почнаа тие турбуленции. Јас мислам дека оние луѓе што се повлекоа од кандидатурите направија чесни гестови, видоа дека работите не можат никако да се изведат кон добро и го оставија сега Друштвото малку да тоне. Искрено се надевам дека ќе успееме да го сочуваме тоа Друштво. Културата е секогаш сеќавање, историја, ние бргу забораваме, бргу го сечеме континуитетот.
Хонорарите и авторските права на авторите, кој ги штити или кој не ги штити
Кај нас доста се лабави законите, стандардите,како и приходите што ги добиваат писателите. Постојано низ медиумите излегуваат раскази, песни, никој не не праша дали сакате вашата песна да излезе во некоја читанка. Никој ниту ве прашува, ниту помислува да ви даде некој денар за тоа, дека имате вие авторски права. Имаме впечаток дека тие права само музичарите успеваат некако да си ги сочуваат, ние потполно се предадовме и ги препуштивме на стихија сите тие односи, а да не ви кажувам колку е тој хонорар, така наречен хонорар. Како сето тоа да се регулира не знам. Би морале да се зацврстат сите тие закони правила, колку се плаќа, да се заштити интелектуалниот труд.
Тука мора нешто да се направи и тие наши хонорари се ужасно мали. Човек може да објави роман од триста страници во кои вложил 3 години труд а добива пари со кои не може ни еден месец да преживее. Чудно е тоа од каде се наоѓаа пари во тие години кога јас влегував во литературата, јас почнав да печатам некаде 54 година, првите текстови, ќе објавам расказ еден во списание или пет песни и добивав за тоа пари кои значеа нешто.
Новиот Закон за употреба на македонскиот јазик и опасноста од англицизација на младите луѓе кои во голем дел го употребуваат англискиот јазик наместо македонскиот јазик.
Постоеше еден закон за употреба на македонскиот јазик кој не се почитува и мислам дека е добро што се донесе нов закон за употреба на македонскиот јазик. Тој закон кој ќе ја наложи потребата да се почитува на сите нивоа. Мислам дека добро е да има закон и да може некој кој не го почитува законот да си одговора и да сноси последици за тоа.
Од друга страна ние сме изложени на многу силна експанзија пред се на англискиот јазик, тоа е општо, не сме само ние, од цел свет е тоа, еден општ бран на англицизација, веројатно не можеме наполно да се спасиме од тоа, но мора да поставиме некои брани мали. Нема да спомнувам имиња, ми доаѓаат често млади луѓе и ми носат ракописи да ги читам и да дадам мислење. Понекогаш се нафаќам на тоа. Има млади кои пишуваат поезија и проза на англиски јазик. Еден дел од младите го прифаќа англискиот исто како македонскиот и гледам дека младите имаат еден однос кон јазикот како кон нешто премногу официјално, го сметаат дека е премногу некако крут, премногу создаден за некаква формална комуникација. Тоа се чувствува и во нашиот театар, нашиот филм , артистот веќе не сака да зборува на чист македонски литературен јазик, туку врти или на скопски а ако треба да биде смешно, на охридски. Сигурно е дека ниеден јазик не живее сам за себе, ние сме дел од светот и нормално е што примаме зборови од други јазици. Во СФРЈ примавме многу зборови од српскохрватско подрачје. Самиот Блаже Конески во предговорот на својата граматика вели: ние немавме збр за врска и го земавме од бугарскиот, немавме збор за начин и го земавме тој збор од српскиот, и тоа е нормално, прво од соседите гледаме бидејќи припаѓаме на иста фамилија на јазици. Меѓутоа тука мора да се постави некакво ограничување, ако имаме збор за тоа не може да се употребува туѓ збор. Сите големи градови си имаат свој жаргон, но тој не смее да го потиснува стандардниот литературен јазик.
Како изгледа нашата литературната сцена
Имаме интересна развиена литературна сцена, пред се би ја истакнал книжевната наука, есеистиката ни е на едно високо ниво. Имаме извонредни критичарки кои пишуваат многу солидни текстови кои знаат што се случува во светот, во теоријата на литературата кои читаат кои следат кои се многу информирани и јас мислам дека сме отишле најдлеку во тоа, во книжевната наука. Интересно е дека до осумдесетите години водечко место во македонската литература го заземаше поезијата, само за поетите се збруваше, тие беа главни, денес е сосема обратна ситуацијата, денес прозата е на повисоко ниво. Поезијата заостанува. Проза имаме на едно високо ниво и јас сега ги читам романите од конкурсот роман на годината и морам да прочитам 36 романи за 20 дена. Жестоко е.
Имаме една доста развиена литературна сцена која доста самоуверено настапува. Прв пат со оваа генерација која сега настапува имаме македнски книги објавени кај парискиот Галиманд, досега никој не успеал од македонските писатели да се пробие дотмау. Имаме писатели кои објавуваат кај Зука Берлин. Тоа се врвни светски имиња на издавачи. Нашата литература се развива сосема добро, а со неа и книжевната наука и критика. За жал немаме новинска критика. Оваа критика што се пишува денес е пишувана од универзитетски кругови за универзитетски кругови на едно ниво превисоко за обичната публика. Нам ни фалат посредници. Многу е тешко да се напише една критика во 40 реда. Тоа е голема вештина, тоа се учи, тоа се оние ударни критики кои го бараат читателот и го поставуваат делото на пошироката публика.
Со своите близу 90 години и 65 години пишувачки стаж го постигнавте зенитот во 2023 година.
Ниту еден македонски писател не добил толку награди во тек на една година како јас во минатата. Тоа беше лудница. Не знам ни дали сите беа објавени. Навистина 2023 беше година која ќе ми остане во сеќавање, особено по наградата Роман на годината. Тоа е награда која најмногу го крева бројот на продадени примероци. И на издавачот тоа му носи извесна корист ако романот добие извесна награда. Почнува веќе кај нас да се цени тоа ако некоја книга добие награда, особено оваа Роман на годината, таа е најзвучна. И мене ми значеше што ја добив и бев многу радосен, Во претходните години моите романи влегуваа во најтесен избор ама никако не се закитија со главната награда.
Најголемиот успех на Влада Урошевиќ
Најголем успех за мене е една ситуација која ќе ви ја раскажам, а се случи во Париз. Некаде околу 89, 90 година ми доаѓаат двајца наши сликари кои биле во Париз и ме среќаваат на улица и ми велат дека моето име е по целото париско метро. Ај реков сега, хм, и веднаш се сетив на она од каубојските филмови, фотографија и долу пишува СЕ БАРА( хахахха) Им реков, да не сте згрешиле, не не, велат тие, си пишува Влада Урошевиќ, Македонија. Што беше ги прашувам напишано, рекоа некаква песна. Немам начин да дознаам што може тоа да биде. Имав еден пријател постар од мене во Париз и му реков слушај ми кажаа дека моја песна имало во метро, еј рече во Управата на метрото има некој чиновник за некои културни дејности, тој одбира песни и која песна ќе му се допадне, се отпечатува во неколку стотици илјади примероци, се облепуваат сите вагони на железницата и таа песна патува еден месец. После ставаат друга. Ја нашле мојата песна некаде „Крај на летото“, преведена на француски. Тоа значи дека ако секој десетти патник ја прочитал, тоа се десет милиони читатели. Во тој момент се почувствував како да сум парижанец и бев најгорд и најсреќен. Тоа е мојот најголем успех!