Членот на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен пратеник во македонското Собрание, Антонио Милошоски попладнево е примен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со покачена температура. За состојбата се огласи и самиот со пост на Фејсбук во кој пишува дека вчера бил подложен на тест за Ковид-19 и добил негативен резултат. Но, сепак, по препорака на специјалист му бил направен и втор чиј исход го очекува во текот на утрешниот ден.
Освен повеќедневна покачена температура, Милошоски напиша дека не чувствува други симптоми и дека расположението, апетитот и дишењето се добри.
Милошоски е втор на кандидатската листа за пратеници на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во петтата Изборна единица, но неколку дена е без предизборни активности и во домашна изолација по неодамнешната средба со неговата мајка во Кичево која има позитивен наод на Ковид-19.