Српскиот фудбалер и тренер Синиша Михајловиќ, кој почина вчера на 54-годишна возраст по долго и тешко боледување, ќе биде погребан в понеделник во Рим, објави неговото семејство.
На Михајловиќ во јули, 2019 година му беше дијагностицирана леукемија додека беше тренер на Болоња. Извесен период потоа неговата здравствена состојба значително се подобри и тој повторно седна на клупата на Болоња, но, болеста, за жал, повторно се врати и легендарниот српски тренер ја изгуби најголемата битка во животот.
Сочувство до семејството на Михајловиќ упатија голем број европски и светски фудбалери и тренери.
Роден во Вуковар, Михајловиќ кариерата ја почна во Борово, по што настапуваше за Војводина, Црвена звезда, Рома, Сампдорија, Лацио и Интер.
Со Црвена звезда ја освои титулата европски првак во 1990 година како дел од генерацијата на Дарко Панчев и на Илија Најдоски. Шампион на Италија беше со Лацио и со Интер. Со Лацио триумфираше во Купот на УЕФА и Суперкупот.
За репрезентацијата на Југославија одигра 63 натпревари и постигна десет голови.
Михајловиќ ќе остане запаметен како еден од најдобрите изведувачи на слободни удари. Заедно со Џузепе Сињори се единствените играчи во историјата на Серија А кои постигнале три гола на еден натпревар од слободни удари.
Синиша Михајловиќ го држи и рекордот, заедно со Андреа Пирло, според бројот на постигнати голови во Серија А од слободни удари (28).
Српскиот фудбалер во 2019 година беше прогласен за почесен граѓанин на Болоња.
Како тренер во два наврати ја предводеше Болоња, а седеше и на клупите на Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан и Торино, како и на репрезентацијата на Србија.