Мицкоски оди во Брисел со Планот за раст што го подготви претходната Влада

Премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на посетатата на Брисел посочи дека на дневен ред ќе биде Планот за раст,  а доколку стане  збор за евроинтеграцискиот процес ќе ги брани и одбрани македонските национални интереси. Позицијата на Владата за уставните измени, како што рече, е јасна и сакаме да знаеме дека ако го отпочнеме, како што ни беше ветувано во 2018 година за три, четири, пет години максимум, ќе завршиме тој пат и е бидеме членка на ЕУ.

Одговарајќи на новинарски прашања Мицкоски рече дека Планот за раст е доставен до Европската комисија и во Скопје и во Брисел од страна на македонската Влада  која потенцираше дека подготвила фантастичен документ. 

– Први и најквалитетен документ, којшто долги месеци беше во застој. Со формирањето на Владата тоа го поднесовме во канцеларијата на Европската комисија тука во Скопје, а потоа да тоа пристигне во Брисел. Тоа е целта на мојата посета и работен ручен со старо-новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, рече Мицкоски. 

Ова едноставно – не е точно.

Медиумскита записи сведочат дека на 18 април, Секретаријатот за европски прашања и Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги (УНОПС) која беше консултант во процесот, одржаа брифинг за новинарите на кој информираа за завршениот процес на подготовка на Реформската агенда на Северна Македонија како услов за активирање наинструментот на Планот за раст, што за целиот Западен Балкан изнесува 6 милијарди евра, ќе се реализира во периодот од 2024 до 2027.

На брифингот беше соопштено дека два дена претходно, односно на 16 април, Владата на ја усвоила Нацрт реформската агенда 2024-2027 во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан. Ажурираната Нацрт реформска агенда била споделена со Европската комисија со цел усогласување на листата реформски приоритети и мерки, со конкретни рокови предложени од македонска страна.

Од СЕП и од УНОПС беше речено дека усогласувањето на Нацрт реформската агенда меѓу Северна Македонија и ЕУ ќе продолжи и во наредниот период и дека финалната верзија на Реформската агенда ќе биде усвоена најдоцна до средината на мај 2024. По утврдувањето на финалната верзија на Реформската агенда и усвојувањето од ЕК ќе се отвори можноста за потпишување на договорите за инструментот за реформи и раст и за заем и со тоа поднесување Барање за повлекување на првата транша, односно за авансот во висина од 7 проценти од алокацијата за нашата држава, од вкупно 850 милиони евра.

На 7 мај, Советот на ЕУ, како последна инстанца, ја одобри Регулативата за формирање на Механизмот за реформи и раст за Западен Балкан, по што остана таа да биде објавена во Службениот весник на Унијата, што е само административна формалност.

Во изјавата денеска Мицкоски уште додаде дека доколку стане збор за евроинтеграцискиот процес, тој ќе ги бранел и одбранел македонските национални интереси, како што било и во минатото, кога бил во опозиција, така и сега како Влада.

На новинарско прашање дали ставот што го има, околу уставните измени со одложено дејство  може да биде дел и од разговорите во Брисел, Мицкоски со одговор дека не би сакал да коментира, но оти се јасни позициите на Владата по ова прашање.

-Не би сакал да коментирам, позицијата на ВМРО ДПМНЕ, позицијата на Владата е јасна. Мојата позиција е јасна. Доста беа порази, доста беа политики и дипломатија на свиткана кичма и на бакнување на чевли. Сега имаме политика и дипломатија, која што се темели на двонасочна улица. Сакам да збориме за вредности, за почитување на човекови права и да знаеме ако го отпочнеме, како што ни беше ветувано во таа 2018 година за три, четири, пет години максимум, ќе го завршиме тој пат и ќе бидеме членка на Европската унија, изјави Мицкоски.

Извор: Рацин

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.