Мицкоски смета дека со промена на Уставот нема да влеземе во ЕУ, за Ковачевски со неносењето одлуки државата останува во статус кво


Кога зборуваме за единствениот пат мислиме на Европската Унија, ние со промена на Уставот нема да обезбедиме членство во ЕУ, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во дуелот со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во Само вистина на Канал 5. За Ковачевски, пак, со неносење одлуки државата останува во статус кво, односно назадува.

-Да ги разјасниме работите имаме една позиција Македонија членка на ОН под времената референца и јазик стоеше македонски, националност Македонска, тоа го имаме од осамостојувањето на Македонија и никој не ја спорел. Тоа што било идентитет никој не го спорел, рече Мицкоски.

Тој кажа дека тоа што се случи во периодот кога Ковачевски, Оливер Спасовски и Стево Пендаровски и останатите во Владата го прифатија, беше нешто кое што граѓаните најмалку го очекуваа.

-Затоа што на тој начин не само што ја понижија Македонија и не само што ја ставија во подредена положба, туку и се обидоа да манипулираат со свеста и интелигенцијата на граѓаните гледајќи ги во очи и лажејќи ги и како свесно да работеа за интересите за Бугарија и сега го заглавија евроинтегративниот пат на Македонија, рече Мицкоски.

Посочи дека како ВМРО-ДПМНЕ  јасно и прецизно кажале дека ова вака како што е конципирано за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо и  дека уставни измени под бугарски диктат нема да има.

-Еве јавно го кажувам и директно го гледам господинот Ковачевски во очи и му кажувам дека нема да има, под овие услови, промена на Уставот, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, од минатото учиме да не ги правиме грешките во иднина.

Укажа дека историската комисија се охрабрува да ја заврши работата пред влез на Македонија во ЕУ.

-Ова не е храбар чин Ковачевски, туку погрешен и катастрофален потег. Билатералниот договор со Бугарија е дел од преговарачката рамка и тоа веднаш до копенхагеншките критериуми, а не вие како што велите дека не е, кажа Мицкоски.

Мицкоски укажа, обраќајќи се на Ковачевски, дека сите идни генерации треба да вложат повеќе енергија поради неговата и грешката на оваа Влада.

-До сега беше преговори по копенхашки критериуми, а сега и билатерален договор и сега треба да се враќаме назад да преговараме на основа на критериумите, а не како што направивте вие. Направивте голема грешка, вели Мицкоски.

Ковачевски, пак, рече дека ЕУ и членството во ЕУ е единствената шанса за позитивни промени во нашата држава, а за правење исчекор напред кон членство во ЕУ и успешно зачленување во НАТО е потребна храброст и одлучност.

-Јас бев тој кој преговараше за европскиот предлог и тие преговори не беа лесни бидејќи се одвиваа во услови на најнарушени односи со Бугарија, во времето кога јас дојдов на чело на Владата. Во текот на тие преговори минавме низ еден тежок период. Јас сум кажал и ќе повторам, моето чувство во тие моменти беше како некој со нож да ми го сече стомакот. Меѓутоа на крајот на денот вие мора да донесете одлука, одлука за иднината и за визијата на државата, истакна Ковачевски.

Тој потсети дека на почеток на преговорите на маса биле прашањата кои се однесуваат на македонскиот идентитет и тогаш биле потребни трпение, храброст и знаење за тие преговори да бидат сведени на преговори за малцински прашања.

-Визијата на државата и подобра иднина зависи од носење одлуки, а не од неодлучност. Со неносење одлуки државата останува во статус кво, односно назадува. Ние, нашиот пат во ЕУ го започнавме во 2005 година заедно со Хрватска. Додека Хрватска се европеизираше, ние од 2005 до 2016 година се антиквизиравме и затоа велам дека ЕУ предлогот е најдобриот предлог кој Македонија можеше да го добие, предлог со кој имаме заштитен македонски јазик, култура и идентитет како дел од мозаикот на култури и идентитети на европските народи. Ние денеска преговораме со ЕУ, изјави Ковачевски.

Додаде дека имаат конкретен план како Македонија да стане земја членка на ЕУ, а кај ВМРО има само неодлучност.

-Северна Македонија успешно го заврши билатералниот скрининг со Европската Унија. Таму јасно стои дека тоа е така и овој параграф е најкраткиот што Македонија некогаш го имала во Брисел. Сега останува да ја заврши својата обврска за уставните измени и да ги отвори поглавјата. Ние тогаш имавме пенал, но не го шутиравме затоа што немаше одлучност кај ВМРО ДПМНЕ, Левица и уште неколку партии да ги гласаат уставните измени во Собранието. Затоа велам дека ние имаме план. Кој е планот на Мицкоски? Тоа е клучното прашање – дали има план? Јас велам дека тие немаат план како Македонија да стане земја членка на ЕУ, рече Ковачевски.

Тој истакна дека историските прашања се дел од билатералниот договор со Бугарија, а не од преговарачката рамка со ЕУ и токму како резултат на тоа веднаш по уставните измени, Македонија ќе ги отвори сите поглавја за преговори со ЕУ.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: