МНР: Повреден е камионџија во пожарите во Грција, евакуирани тројца

Во пожарите во Грција меѓу загинатите нема државјани на Северна Македонија. Има еден повреден државјанин на Северна Македонија, возач на камион, чија приколка била опожарена додека поминувал преку подрачје зафатено со пожари, во близина на Александропулис, соопшти Министерството за надворешни работи.

„Возачот добил изгореници, кои се третирани во локалната болница. Во непосредна близина се наоѓа и втор камион со македонски регистарски таблички, кој, поради механички дефект, не е во возна состојба. Тројцата наши државјани, кои се наоѓале во двата камиона, на време биле евакуирани и се на пат кон Северна Македонија“, се наведува во соопштението од МНР.

Министерството за надворешни работи посочува дека со загриженост и внимание ја следи актуелната вонредна состојба во Грција, настаната како резултат на последните шумски пожари, кои резултираа со човечки жртви и други големи загуби.

Во оваа пригода би сакале да изразиме сочувство до семејствата на загинатите и да им посакаме брзо закрепнување на повредените“, наведуваат од МНР.

„Министерството преку својата Амбасада во Атина и Генералниот конзулат во Солун одблиску ги следи состојбите и останува во тесна комуникација со грчките надлежни институции и нашите државјани. Доколку има нови информации, дополнително ќе ја известиме јавноста“, додаваат од МНР.
Воедно, апелираат до нашите државјани, доколку се наоѓаат во погодените подрачја и имаат потреба од помош, да стапат во контакт со нашата Амбасада во Атина преку следните СОС-телефонски броеви: 00302106749585/00306944743071, Генералниот конзулат во Солун на +30 698 720 0410 или Министерството во Скопје на +389 75 273 732.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.