Фудбалерите на Монца остварија прва првенствена победа над Милан, откако победија со 4:2 во натпреварот од 25-то коло на Серија А на својот стадион.
Монца водеше со 2:0 по првото полувреме, но „Росонерите“ успеаја да израмнат во последниот половина час постигнувајќи два гола со играч помалку. Сепак, во самиот финиш на натпреварот домаќинот оствари голема победа со уште два гола.
Милан одлично го отвори натпреварот, но набрзо гостите „ги снема“. Во финишот на првиот дел се судрија главите на домашниот голман Микеле Ди Грегори и неговиот соиграч Андреа Карбони, по што „единицата“ на Монца мораше да го напушти теренот.
Судијата Андреа Коломбо го продолжи првото полувреме за осум минути, а Монца постигна два гола во судиското надополнување. Во првата минута од судиското надополнување, Малик Тиау одби шут од слободен удар кој Матео Песина го претвори во водство. Во шестата минута од судиското надополнување, Дани Мота со одличен гол од 15-ина метри зголеми 2:0.
Милан наиде на нови проблеми во 64. минута кога српскиот напаѓач Лука Јовиќ беше исклучен поради удирање противнички играч. Оливие Жиру донесе трошка надеж кај гостите, кои во 64. минута намалија на 1:2, а Кристијан Пулишик со одличниот гол во 88. минута го израмни резултатот на 2:2.
Милан беше во налет и се чинеше дека може да победи, но само две минути подоцна Ворен Бондо постигна одличен гол за ново водство на домаќините. Конечните 4:2 ги постави Лоренцо Коломбо во шестата минута од судиското надополнување.
Со овој натпревар Милан ја прекина серијата од девет кола без пораз, а што е уште поважно пропадна можноста да го престигне Јувентус на второто место. Монца моментално е на 11-то место.
Во претходниот натпревар Рома го победи Фросиноне на гости со 3:0 головите на Дин Хујсен (38), Сардар Азмун (71) и Леандро Паредес (81-11м).
Удинезе и Каљари одиграа 1:1. Удинезе поведе во 14. минута со голот на Џордан Земура, а во последните моменти од првото полувреме израмни Џанлука Гаетано. Тимот од Удине е 15-ти со 23 бодови, додека Каљари е на 19-то место со 19 бодови.
Во вториот натпревар Емполи и Фиорентина исто така ремизираа 1:1. „Виолите“ поведоа во 29. минута со голот на Лукас Белтран, а израмни М’Баје Нианг во 56. минута од пенал.
Емполи е на 16. место со 22 бода, додека Фиорентина е седма со 38 бодови.
Во првиот натпревар во неделата, фудбалерите на Болоња го победија Лацио со 2:1 во Рим. Само четири дена откако го победи Баерн на Олимпико, Лацио загуби од Болоња на истиот стадион. Данецот Исаксен (18) го доведе Лацио во водство, но Болоња направи пресврт со головите на Мароканецот Ел Азузи (39) и Холанѓанецот Циркзе (78).
На табелата води Интер со 63 бодови, Јувентус има 54, а Милан 52 бода.