Мукаетов – панелист на конференцијата „Чувари на мудроста“ во организација на „Халк банка“



Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, зеде учество на конференцијата „Чувари на мудроста“, која по втор пат се одржува во организација на „Халк банка“ АД Скопје, под мотото „Инспирација за новата генерација“.

Во рамките на вториот конференциски панел, насловен „Успешна бизнис приказна – посветеност, дисциплина, интуиција“, модериран од Сашко Коцев, а во друштво на ко-панелистот Петар Ниновски, основач на „Бреинстер“, низ пријатна и непосредна дискусија базирана на сопствените искуства, Мукаетов се осврна на своите лични и професионални предизвици во неговата 25-годишна кариера.

„За мене, како човек кој го води ‘Алкалоид’, најголем предизвик беше почетокот на менаџерското поглавје. На 32 години, дојдов на чело на еден голем систем со долга традиција и специфична тежина. Многу луѓе беа со резервирана доверба, а превладуваа и очекувањата дека ‘најдобрите времиња’ за ‘Алкалоид’ завршиле. 18 години потоа, резултатот на исклучително посветената работа е, можам да кажам, глобална компанија, присутна на сите континенти, во повеќе од 50 земји во светот, со континуиран раст и развој и над пет-кратен раст на продажбите во изминатиот период. Компанија која покажува и докажува дека и во Македонија можеме многу работи да направиме онака како што треба и дека сме способни и конкурентни да се позиционираме каде било во светот“, истакна Мукаетов.

Голем дел од панел дискусијата беше посветен на човечките ресурси, односно предизвиците со кои младите се соочуваат на почетокот од нивните кариери во поглед на изборот на нивниот професионален пат во државен или во приватен сектор, но и предизвиците со кои компаниите се соочуваат во поглед на изнаоѓање квалитетен и стручен кадар.

„Кај нас, голем дел од младите луѓе сметаат дека ќе можат најдобро да се реализираат преку јавниот, односно државниот сектор. Јас сепак би го препорачал приватниот сектор, каде секој кој се одважил, кој заслужил шанса, истата неминовно ќе ја добие. Сите компании имаат потреба од квалитетни и посветени кадри со правилни вредности. Ние во ‘Алкалоид’ се бориме таквите луѓе да ги донесеме и задржиме, преку програмите за практикантство, дуално образование, кариерно следење и разни интерни обуки и активности. Многу е важно како општество да градиме клима во која кај младите првиот професионален избор би бил приватниот сектор во која било форма: дали како дел од големите компании, преку сопствена бизнис иницијатива, старт-ап и слично“, поентираше Мукаетов.

Основачот на „Бреинстер“, Петар Ниновски во своето обраќање до младите студенти и претприемачи, нагласи дека младите не треба да „се штедат“ во првите 15 години од својата кариера туку: „Да работат напорно, да се пробуваат, ако треба и да направат грешки во бизнисот, но да умеат да си простат за нив“. Ниновски, како раководител на компанија која преку реални проекти нуди апликативни решенија со кои би се надминале предизвиците на модерното време, ја отвори темата на вештачката интелигенција во фармацевтската индустрија, на која тема Мукаетов потенцираше:

„Во фармацевтската индустрија, трендовите се менуваат многу брзо и ако сакаме да останеме конкурентни, истите мора да ги следиме. Како компанија, ние веќе користиме податоци и симулации од разни бази на ВИ кои ни служат како дополнителни аргументи при носењето на одлуки во насока на влез на нови пазари, развој на нови производи и слично“.

Целта на конференцијата „Чувари на мудроста“ во организација на „Халк Банка“ АД Скопје е обединување на студентите и младите претприемачи со најдобрите ментори и практичари од различни професионални области и можност од прва рака да се слушнат успешни приказни и да се научат корисни работи од искуствата на луѓето кои со својот труд и посветеност успеале да ги надминат сите бариери и да ги достигнат врвовите во својата кариера.

АЛКАЛОИД АД

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: