Малиот број подрачни одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија значи дека значаен дел од електоратот мора да патува и десетици километри за да даде поддршка за некого од оние што се обидуваат да соберат најмалку десет илјади потписи за да изборат место на гласачкото ливче на 24 април
А и голем број од оние подрачни канцеларии што постојат или се во лоша состојба или се тешко достапни
Во една од бараките кај Општина Центар е сместено подрачното одделение на Државната изборна комисија во кое се собираат потписи за идните кандидати за претседател на државата. Во оваа просторија може да се потпишат жителите на Центар и на Аеродром.
„Ова овде е само за Центар и за Аеродром што е многу, многу им е далеку на луѓето од Аеродром да дојдат овде. Зошто нема таму, не ми е јасно“,
рече граѓанка.
Сретнавме и граѓани од други општини што се обидуваа да го дадат својот потпис на ова место, но безуспешно.
„Кога е веќе Центар каде и да е, без разлика, ние сме од Скопје. Без разлика дали е тука или таму. Сега јас треба да одам таму, да губам време. Така што, многу луѓе се откажуваат од овие работи“,
вели еден граѓанин.
Но, мнозинството не се соочиле со потешкотија.
„Па, јас тука живеам. Не знам. Мене ми е лесно. Појдовме во парк и видовме“,
рече една од нашите соговорнички.
Политичката партија Левица си поставила штанд непосредно до бараката. Активисти ги повикуваа граѓаните да се потпишат за нивната кандидатка за претседател, професорката Билјана Ванковска.
„Тоа ни е голем хендикеп, што нема ДИК отворено канцеларија во Аеродром. Тоа е голема срамота, една општина од сто илјади да нема канцеларија. Исто и Ѓорче нема канцеларија. Канцеларијата во Карпош е на многу непристапно место. Луѓе со инвалидитет ни се жалат дека не можат да се качат за да дадат потпис. Ова е еден вид саботажа на процесот на собирање потписи што го прават големите партии за да бидат единствени на политичката сцена бидејќи се плашат од конкуренција“,
вели Горан Костовски – претставник на Левица.
Споменатото подрачно одделение на ДИК за Општина Карпош е во објект во населбата Козле сместен на врвот на ова ритче. За граѓаните да го дадат својот потпис треба да ги искачат скалите што водат до влезот. Таму, пак, има монтажна рампа за да може да се влезе со количка. Но, и покрај тоа што надлежните се критикувани поради отежнатата пристапност на местово, граѓаните со кои поразговаравме не гледаат поголем проблем.
„Скалите се предизвик, нели, што треба да се совлада. Штом сме успеале со скалите, веројатно ќе успееме и со потписи.“
„Тие што сакаат, местото е тука. Секогаш било овде и секогаш сме гласале. На пример, ние сме од Нерези, па доаѓаме до овде и гласаме. Не е проблем за тоа“,
рекоа граѓаните со кои поразговаравме.
За волја на вистината, има и спореден влез со асфалтирана стрмна уличка, но таа води до мал и преполн паркинг пред детска градинка сместена во истиот објект.
Раздвижено беше и во бараките кај Општина Кисела Вода. Тука наидовме на соговорничка која отвори нови аспекти за начините за собирање потписи.
„Нашите што останаа тука се возрасни луѓе. Кој возрасен ќе може да си дозволи? Не можат. Немоќни се. Ако се одеше од врата на врата и ако се собираа гласање (н.з. потписи) за болни… Има начин, нели. Како што е за пратениците. Зошто тоа сега не се спроведе? Па нека биде реално, правично за овој народ кој е во години.“
рече таа.
Од Државната изборна комисија објаснуваат дека еден граѓанин може да го даде својот потпис за сите кандидати, но само по еднаш.
„Се ажурираат сите дадени потписи навечер и затоа сабајле го имаме резултатот. Навечер немаме бидејќи преку ноќ се ажурира. Заначи, еден кандидат (н.з. граѓанин) може за секоја листа да потпише посебно“,
вели Александар Даштевски – претседател на ДИК.
Претседателот Александар Даштевски објаснува и зошто граѓаните можат да се потпишат само во подрачното одделение или канцеларијата на ДИК што го покрива нивното место на живеење.
„Во подрачните канцеларии се потпишува и таму се водат изводите од избирачки списоци кои ние постојано, перманентно ги ажурираме и ги имаме точните податоци, а не се води целиот избирачки список за целата држава“,
смета Александар Даштевски – претседател на ДИК.
За условите во објектите во кои се сместени просториите на ДИК, Даштевски одговорноста ја префрла на општините за кои вели дека ги користат поубавите простории, а старите ѝ ги оставаат на ДИК.
„Сметам дека понатаму ќе треба да се направат преговори со локалната самоуправа за да се добијат подобри простории за да се сменат и условите“,
смета Александар Даштевски – претседател на ДИК.
Во главниот град, ДИК има подрачни одделенија во Центар, Карпош, Гази Баба, Кисела Вода и Чаир што ги опфаќаат соседните општини. Тие се дел од вкупно 35 одделенија и канцеларии на ДИК во земјава во која има 80 општини.