Казната затвор во траење од 18 месеци на градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев Апелација во Штип му ја намали на 6 месеци , потврди Основниот суд во Струмица. Казните им се намалени и на неговите син и внук, и тоа од една година на 3 месеци затвор, а на петтообвинетиот исто така му е намалена казната од 9 на 3 месеци затвор. Единствено останува иста казната на сопругата на Стојчев, која беше осудена на една година условно доколку не го повтори делото во наредните две години.
На пресудата на Основниот суд во Струмица и висината на казните се жалеше и Јавното обвинителство, но неговата жалба Апелациониот суд во Штип ја одбил.
Градоначалникот на Ново Село на 10 јули годинава, заедно со уште четири лица, беше фатен во обид да шверцува цигари во близина на македонско-бугарската граница. Тогаш беа запленети речиси 3.300 штеки цигари во вредност од повеќе од 3 милиони денари.