Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата се очекува денеска да одржат седница на која треба да се гласа за составот на парламентарните комисии. Претседателот на Комисијата Костадин Костадинов веќе потврди дека парламентарните партии постигнале договор за тоа кој ќе претседава комисиите. Потоа составот на комисиите треба да помине и на пленарна седница.
Според партискиот договор, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе претседаваат со по осум собраниски комисии, ДУИ со три вклучувајќи ја и Комисијата за уставни прашања, со која претседава претседателот на Собранието, Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе претседаваат со две комисии, а Беса со една.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски вчера изјави дека ќе раководат со истите осум комисии како и во минатиот состав и најави дека пратениците од опозициската партија ќе учествуваат на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и на пленарната седница на која треба да биде потврден составот на комисиите.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ќе одржи брифинг со новинарите, прв по неговиот повторен избор, по што се очекува да се знае кога ќе биде свикана седницата на која треба да се гласа за составот на Комисиите и како ќе се одвива натамошната работа на Парламентот.
Собранието, иако е конституирано, не може да ја започне својата работа по законските текстови, бидејќи парламентарните партии не можеа да постигнат договор за претседавањето со парламентарните комисии. Исто така, пратеникот од ДУИ, Арбен Зибери е во изолација поради ковид-19, а се уште не е е верификуван мандатот на пратеникот кој ќе дојде на местото на Јагода Шахпаска, која беше избрана за министерка за труд и социјална политика.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.