Атрани е мало место на италијанскиот брег Амалфи за кое повеќето никогаш не ни чуле. Но, само еден поглед на фотографиите од Атрани е доволен за човек да се запраша: како е тоа можно?
Поради потполно нетипичниот изглед, ова место веќе би требало да биде на насловните страници и на листите на најубави плажи, но Атрани успешно се крие во сенка на познатите градови во околината како што се Салерно, Амалфи, Неапол…
Ова мало рибарско село има помалку од илјада жители и лице кое еднаш кога ќе го видите, никогаш нема да го заборавите. Над него се надвиснуваат две остри карпи, а над плажата се наоѓа мост и бројни шарени куќички со мала тврдина на самиот раб.
Тесните улички и малата површина успеале да вдомат и жители и неколку плоштади со фонтани, стари барокни цркви од средниот век и тврдината „Торе дело Зиро“. Го нарекуваат „најмалиот град во Италија“, иако технички не припаѓа на категоријата град. Но, барем звучи шармантно.
А, стрмните карпи кријат две пештери: едната се вика „Куќата на Масаниело“, по човек кој тука наводно се криел од неаполската војска, а другата е наречена „Пештера на светците“, која крие стари фрески во византиски стил од 12-от век.
Историјата на Атрани се протега до самите почетоци на новата ера, кога во големата ерупција на Везув во 79-та година биле уништени римските градови во близина.
И покрај сè што нуди, тука нема многу туристи дури ни во сезона. Атрани е автентично, слатко, медитеранско и мирно место, па ако веќе планирате да го посетите, не кажувајте никому.