Најмалку 50 луѓе ги загубија животите во пожари во Грција кои од вчера беснеат во најголем дел во областа Атика, јави дописничката на МИА од Атина.
Дваесет и шест тела се пронајдени во двор на таверна во населбата Мати, во источниот дел на областа Атика.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, спасувачот Андриопулос од Црвениот крст, за грчката телевизија Антена, рече дека во нивната акција бил пронајдени телата на 26 лица, мажи, жени и деца.
Според неговото сведоштво, луѓето веројатно се знаеле меѓу себе, спасувачите ги пронашле прегрнати во неколку групи.
Претпоставките на спасувачите се дека луѓето тргнале кон морето за да се спасат, но на 30-40 метри оддалеченост, поради големината и јачината на огнените јазици, нивните обиди биле залудни.
Нивната смрт ја потврди и заменикот градоначалник на областа Јоргос Коколис и градоначалникот на Рафина, Вангелис Бурнус, кој, говорејќи за грчкото радио „Реал фм“, изрази стравување дека бројот на загинати, дополнително ќе се зголеми.
За кратко ќе се потврди информацијата за уште повеќе загинати, бидејќи постојат и други луѓе што изгореле во нивните домови и се уште не се транспортирани. Мислам дека бројот ќе стигне до 60. Немам комплетна слика колку луѓе беа заглавени. Се уште има многу исчезнати, рече градоначалникот Бурнус.
Властите засега потврдуваат за над 20 загинати и над 150 повредени од вчерашните пожари во Грција.
Меѓу повредените во Рафина има голем број кои се во критична состојба. Градот Мати што е во непосредна близина е целосно уништен од пожарите. Државната телевизија ЕРТ јави дека рибари и крајбрежната стража спасиле најмалку 700 луѓе.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, портпаролот на Владата Димитрис Ѕанакопулос, кусо пред 3 часот утрово, соопшти дека „Атика се соочува со многу тешка ноќ“.
-Бројот на потврдени загинати, за жал, во овој момент е над 20, а повредени се повеќе од 88 возрасни лица, од кои 11 се сериозно, како и 16 деца, рече Ѕанакопулос.
Меѓу жртвите има и деца.
Загинатите се во источниот дел на областа Атика, каде што дел од луѓето, поради брзото ширење на пожарот, биле заглавени во нивните автомобили и домовите, додека пак за дел, причината за смртта е давење, откако спас од огнената стихија, побарале во морето.
Во Грција, постои стравување дека во текот на денот, ќе се зголеми бројот на жртвите.
Цела ноќ, до рано утрово траеше акцијата за спасување на луѓето заглавени на плажите во месноста Рафина, во источниот дел на областа Атика. Со приватни чамци и бродови, со бродови од редовните линии меѓу Атина и грчките острови, со фрегата и воени бродови од Министерството за одбрана на Грција и на грчката крајбрежна служба, се спасуваа граѓани по морски пат.
Според заменикот министер за поморство, Некатариос Санторињос, вкупно 639 лица биле спасени, додека пак според министерот за одбрана на Грција, воената фрегата „Ели“, спасила 72 лица.
Околу 1 часот по полноќ во Атина влезе и последниот автобус со евакуираните 621 деца од летните кампови во организација на општина Атина.
Грција вчера побара меѓународна помош, преку механизмот на ЕУ, позитивно одговориле Шпанија и Кипар, а помош ќе добие и од САД, по упатеното барање од министерот за одбрана.
Грчкиот премиер, како што вчера објави МИА, ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и не учествуваше на манифестацијата во Мостар и се врати итно во Атина. Кусо пред полноќ, Алексис Ципрас го посети центарот за справување со кризи на грчката противпожарна служба, каде што со министрите од владата одржаа состанок и беше информиран за ситуацијата и рече дека е „тешка ноќ за Грција“.
Во гаснењето на пожарите, учествувале над 600 пожарникари со над 400 возила , 7 канадери и 10 хеликоптери. Активни беа 3 жаришта, додека пак утрово, пожарот иако е ставен под контрола, се уште не е целосно изгасен.
Пожарот во источна Атика е најголем во Грција од оној во 2007 година што го зафати Пелопонез. Во пожарот досега се уништени над 100 куќи и 200 возила.
Пожари беснеат и западно од Атина поради што голем број жители ги напуштија домовите.
Затворен е автопатот Атина – Коринт, еден од двата кон Пелопонез.
Во прекин е и железничкиот сообраќај.
Заменикот министер за внатрешни работи Никос Тоскас синоќа навести можност дека пожарите се подметнати. Пожарите дополнително се поттикнати со силни ветрови кои достигнуваат налети од повеќе од 60 км/час додека топлотниот бран кој ја зафати државата ги подигна температурите над 40 степени Целзиусови.