Најмалку три лица загинаа, а тројца се ранети во руско гранатирање во областите Днепропетровск, Херсон и Донецк

Според украинското Министерство за внатрешни работи, руското артилериско гранатирање започнало на север против градот Червоногригоривка, во близина на Никопол, во областа Днепропетровск

Најмалку три лица загинаа, а тројца се ранети во руско гранатирање во областите Днепропетровск, Херсон и Донецк во источна и јужна Украина, објавија локалните власти, пренесе БТА.

Во киевското село Олгивка, на брегот на реката Днепар, 58-годишна жена загина од артилериски оган, а 49-годишен маж е ранет, соопшти украинското Министерство за одбрана.

Седумгодишно момче е повредено за време на ракетен напад во близина на станбена зграда во областа Корабелни во градот Херсон, регионален главен град на истоимениот регион, над кој украинската армија ја врати контролата есента 2022 година. 

Според украинското Министерство за внатрешни работи, руското артилериско гранатирање започнало на север против градот Червоногригоривка, во близина на Никопол, во областа Днепропетровск.

Таму биле погодени двајца браќа на возраст од 16 и 22 години.

„Помладиот починал од здобиените рани, а постариот со тешки повреди е пренесен во болница. Лекарите се борат за неговиот живот“,

соопшти украинското МВР.

Во областа Донецк на исток, која е предмет на постојани судири меѓу двете армии, 46-годишен маж загина во гранатирање во градот Часов Јар, објави началникот на регионалната воена администрација, Вадим Филашкин.

Претходно, тој информираше дека речиси 200 луѓе, меѓу кои 21 дете, биле евакуирани од селата во близина на фронтот поради тековните интензивни борби. Руската војска во февруари го зазеде градот-тврдина Авдеевка во оваа област и таму ја продолжува својата офанзива.

Украинските воздухопловни сили известија дека денеска собориле 12 од вкупно 15 ирански беспилотни летала „шахед“ испратени од Русија во регионите Донецк, Днепропетровск и Полтава.

Пронајдете не на следниве мрежи: