Не ги оставајте од денес-за утре: Потребни ви се 30 дена да се откажете од цигарите, дознајте како

Колку пати во животот сте си рекле „Од утре веќе не пушам…“? Оваа реченица е лесна за кажување, но на прсти се бројат оние кои навистина можат да го направат тоа и толку лесно да ја остават оваа лоша навика. Сепак, за откажувањето на цигарите, покрај силната волја и мотивот, потребна е и подготовка за да си го олесните процесот и да ги прифатите промените кои ќе настанат потоа.
Овие 10 чекори ќе ви помогнат да ја достигнете вашата цел, а нив ги препорачува клиниката од Кливленд, која има надалеку позната програма за откажување на пушењето.
Чекор 1: Не откажувајте се истиот ден кога ќе ви текне. Наместо да избрзувате со откажувањето, одберете датум кој ќе биде најмалку 30 дена подоцна и обележете си го во календарот. Следниот период искористете го за психичка подготовка и за потрага по нова здрава навика или хоби. Според експертите, толку време му е потребно на мозокот да се навикне на новите нешта.
Чекор 2: На мала картичка запишете 3 силни и разумни причини зошто сметате дека откажувањето е паметна работа. „Помала потрошувачка на пари“, „Продолжување на животот“ и слични потикнувачки реченички можат многу да ви помогнат подолго да останете мотивирани. Картичката носете ја секаде со себе и одвреме-навреме препрочитувајте ја.
Чекор 3: Пешачете редовно. Оваа здрава навика ќе ви помогне полесно да ја заборавите онаа од која се откажувате. Пешачете најмалку 30 минути дневно, секој ден. Дисциплината во правењето на овој чекор, ќе ви помогне, не само да го исполните зацртаното, туку и да го избегнете зголемувањето на килограмите кои можете да ги добиете откако ќе се откажете од пушењето.
Чекор 4: Подгответе се за дополнителни трошоци. Неопходно е да проверите колку ќе ве чинат некои медикаменти, кои можеби ќе ви бидат потребни при процесот на откажувањето, како што се разни видови апчиња, терапии за замена на никотинот, посети на психијатар и слично.
Чекор 5: Посетете го вашиот матичен лекар. Направете еден општ преглед и побарајте да ви препише некое лекарство за полесно откажување од пушењето. Исто така можете да користите и терапија за замена на никотинот, во облик на гуми за џвакање и лепенки.
Чекор 6: Бидете подготвени за секакви рестрикции и несакани ефекти.
Чекор 7: Започнете со менување на секојдневните пушачки навики. Ако на пример, вашата рутина е на секое влегување во автомобилот, да палите цигара, максимално обидете се да не го правите тоа. Или пак, доколку секогаш се фаќате за кутијата цигари кога ќе се случи нешто што ве вознемирува, обидете се да научите некоја поинаква техника за релаксација.
Чекор 8: Најдете си партнер во откажувањето. Ова не мора да биде лице кое исто така се откажува од оваа лоша навика. Партнер може да ви биде лице во кое имате доверба, кое ве подржува и мотивира да успеете во вашата цел.
Чекор 9: Ветете си на себе, дека можете и дека нема да се откажете во намерата. Вербата во себе е најсилното нешто во целиот процес.
Чекор 10: По триесеттиот ден оставете ги сите препарати кои ги користевте за замена на никотинот и фрлете ја кутијата со цигари во корпата за отпадоци. Од утре вие сте непушач.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.