„Со политичките партнери не обединува ставот дека треба ДУИ да оди во опозиција, да има жестока борба против корупцијата, дека не може да има промена на Уставот под бугарски диктат“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски е убеден дека партијата ќе биде победник на парламентарните избори, но она што не се знае, како што е вели е колку пратеници ќе освои.
ВМРО-ДПМНЕ, вели Николоски, бара убедлива, историска победа од опозиција, а се со цел да се има влада која, како што рече, ќе ја реформира Македонија и ќе ја чисти од корупција.
„За да е таква владата мора двата клучни партнери СДСМ и ДУИ да одат надвор од влада. За да го постигнеме тоа ни треба убедлив резултат и затоа се добредојдени сите оние што сакаат да се приклучат во оваа битка“,
рече Николоски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ што се емитува во рамки на централниот Дневник на телевизија Сител.
Николоски говорејќи за составот на Владата рече дека на Македонците им се случува апартхејд.
„Ако се погледне состојбата денес, за која мислам дека многумина, особено Македонците некако како да ја вртат главата и не сакаат да се соочат со реалноста, таа е следната. Талат Џафери е премиер, Стево Пендаровски е претседател, Бујар Османи е министер за надворешни работи, Фатмир Бесими е министер за финансии, Крешник Бектеши е министер за економија. На Македонците им се случува апартхејд. Тоа е фактичката ситуација. И тоа не им се случува од друга етничка заедница, како што ДУИ сака да манипулира со Албанците, туку им се случува од политичка партија која има 12 пратеници и со 10 посто пратеници контролира цела држава. А на врвот на пирамидата е Али Ахмети кој е газда на Македонија и ништо не може да помине без него“,
рече Николоски.
Тој вели дека за да се смени ова, партијата мора да го рашири кругот и да вклучи што повеќе структури внатре коишто ќе допринесат до овие промени.
„Со изборниот модел што го има Македонија некогаш пратеник се добива за 100 или 200 гласа плус. Таа е битката на овие избори. Овие избори се за пратеник плус. Затоа повикуваме на масовна излезност. Колку е поголема излезноста тоа оди на страна на ВМРО-ДПМНЕ“,
кажа Николоски.
Според него, новоприклучените партии во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ може да донесат над 30 илјади гласови.
Николоски укажа дека ВМРО-ДПММЕ има повисока цел, а за да се реализира треба ДУИ треба да оди во опозиција.
„Со политичките партнери не обединува ставот дека треба ДУИ да оди во опозиција, да има жестока борба против корупцијата, дека не може да има промена на Уставот под бугарски диктат“,
изјави Николоски кој додаде дека Бугарија мора да го направи првиот чекор кон Македонија, затоа што Македонија не може да биде уценувана.
Според него програмата на ВМРО–ДПМНЕ има два столба, прво, борба со организиран криминал и корупција затоа што во ваква атмосфера никој не инвестира и отворање на можност домашниот капитал да инвестира, а воедно да има и странски инвестиции.
Во врска со тоа зошто е носител на листа за пратеници во четвртата изборна единица во која не е неговиот роден град Охрид, Николоски рече дека и претходно бил избран за пратеник од таа единица и според него „фер е кога ќе добиете мандат од луѓето да отидете и после и на реизбор и да ги прашате луѓето што мислат за вас“
За противкандидатот од СДСМ во оваа изборна единица, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, Николоски рече дека е политички потрошена личност.
„Денес имам најлесен противник, во 2020-та година можеби имав најтежок тогаш беше Зоран Заев. А, сега мислам дека имам најлесен противник од сите шест носители на СДСМ. Затоа што се работи за политички потрошена личност. И навистина се чудам зошто реши да се кандидира. Има една теза која што често ја слушам и сум ја кометирал дека се работи за лидерска битка внатре во СДСМ помеѓу него и носителот на втората изборна единица, Оливер Спасовски. И дека тоа е причината што се кандидира“,
нагласи Николоски.