Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој од денеска и официјално е мандатар за состав на новата влада, повтори дел и од неговата вчерашна изјава во врска со ова прашање, односно дека нема намера да се однесува талибански, ниту, пак, очекува некој друг да се однесува така
Луѓето што ме познаваат знаат дека така лесно не се изненадувам, ниту пријатно ниту непријатно, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за вчерашната порака на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Имено, Мицотакис говорејќи во централното издание на вестите на грчката телевизија Антена го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да даде категорична изјава дека кога официјално ќе стане премиер, ќе го почитува Договорот од Преспа, а во спротивно, посочи дека единствено што може да очекува е „непријатно прво искуство“ на самитот на НАТО на почетокот на јули во Вашингтон.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно по ваквите пораки на Мицотакис Грција повторно да ни стави блокада на евроинтегративниот процес, Мицкоски го повтори својот став оти нема дилема дека Преспанскиот договор е дел од македонските закони и Уставот и дека тој тоа ќе го почитува. Но, истовремено, тој повторно порача дека нема да се откаже од неговото загарантирано човеково право да го користи терминот Македонија и придавката македонски.
Мицкоски, кој од денеска и официјално е мандатар за состав на новата влада, повтори дел и од својата вчерашна изјава во врска со ова прашање, односно дека нема намера да се однесува талибански, ниту, пак, очекува некој друг да се однесува така.
„Моето човеково загарантирано право е право коешто е над сите права. И тука нема да имам никаква дилема. Сè што е, додека ја обавувам оваа функција претседател на владата, поврзано со нашиот правен систем, уставниот поредок ќе го почитувам до последната точка и запирка, нормално и потоа како лојален граѓанин на оваа држава, како што всушност сум го правел тоа и во минатото без исклучок. Луѓето што ме познаваат знаат дека така лесно не се изненадувам, ниту пријатно, ниту непријатно. И можеби е добро да ги аргументираме позициите пред тој форум за којшто закажува средба за аргументирање на позициите претседателот на владата на нашиот јужен сосед“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата по добивањето на мандатот од претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
На прашањето дали стравува дека ако ова му го каже на Мицотакис пред целата меѓународна заедница, тоа може да предизвика реакција и влошување на односите не само со Грција туку и со други земји, Мицкоски одговори:
„Зошто би стравувал? Па ерга омнес ние го користиме. Членот 7 од Договорот, став 2 и 3 се многу јасни што значи кога една и другата страна го употребуваат терминот Македонија и македонски и членот 1 од истиот Договор“.
Говорејќи во таа насока, тој ги повика медиумите во земјава повеќе да посветат, како што кажа, внимание во анализа на тоа што има „нашиот јужен сосед исполнето од Договорот“, а помалку да биде провокација „моето човеково загарантирано право со многу конвенции“ за употреба на терминот Македонија и придавката македонски.
„Ајде да видиме што тие направија во овие шест години. Ајде да видиме што правеа во минатото. Што требаше ние да добиеме кога во минатото се менуваше знамето, кога се менуваа банкнотите, кога се користеше понижувачкото име, кога се случуваше интервенцијата на НАТО против режимот на (Слободан) Милошевиќ во 1999 г., кој беше лојален сојузник, а кој забрануваше прелети. Што се случуваше кога се менуваше Уставот еднаш после Охридскиот рамковен договор, втор пат поради тој Договор (Преспанскиот), трет пат кога се ставаа пратеници во притвор, па се вадеа ден спроти гласањето за уставните измени кога се менуваше уставното име“,
рече Мицкоски.
За прашањето, рече тој, треба да зборуваме во поширок контекст бидејќи, како што додаде, не можеме работите да ги гледаме парцијално.
„Јас сакам за сè да зборувам, подготвен сум за сè да зборувам со секој соговорник. Не е проблем и ако некој ми каже, види, Христијан, Македонија е мала, Грција е голема. Да, тоа го почувствуваме кога ја добивме пресудата во Хаг кога не требаше Грција да не блокира при зачленувањето во меѓународните институции. Да, ја почувствувавме суровоста на тој тип на однесување, но, ние сме мал, питом, мирољубив народ, малоброен, не мал, со големо срце. Каков-таков, треба и да се однесуваме. Кај мене нема да видите во периодот што следи да ја повторувам како папагал придавката (северна н.з.), а позади завесата да ве ограбувам и да живеам како некој деспот или монарх. Мене ќе ме видите заедно со вас на улиците, од Чаир до Тетово, преку Дебар, Струга, Охрид, Гевгелија, Битола, Велес па сè до Делчево“,
изјави мандатарот за состав на идната влада.
Во таа насока, тој упати и порака дека ако некој мисли дека насила може да му одземе нешто, тогаш мора да мисли и на чекорот потоа.
„А тоа е дека со сила во 21. век работите не се решаваат“,
рече Мицкоски.
Прашан дали од наша страна ќе биде испратена протестна нота до меѓународната заедница дека Грција е таа која не го почитува Договорот, бидејќи вака гледано се има впечаток дека тој и Мицотакис се препукуваат преку медиумите, а, од друга страна, нема никаква дипломатска активност од нашата страна, Мицкоски рече дека ќе преземат дипломатски активности кога ќе бидат внатре во институциите.
Во овој контекст, тој додаде дека немаат намера да преименуваме автопати и аеродроми, да градиме споменици, туку намерата е да градиме мостови на соработка на полето на економијата, туризмот, образованието, културата…
„Тука сме, соседите мора да се почитуваат и ќе ги анализираме сите чекори и внимателно ќе влечеме потези, но истовремено немаме намера да биде подлизурковци, да се понижуваме самите себе, а од друга страна да ве ограбуваме вас граѓаните и да се однесуваме како деспоти. Македонија доби влада којашто треба да биде фокусирана на граѓанинот, а владините службеници треба да бидат, тука мислам на мене лично и на министрите, слуги на народот“,
рече Мицкоски.