Професорка во средно училиште која добила отказ откако било откриено дека отсуствувала 20 години од работа од нејзината 24-годишна кариера, тврди дека вистината е на нејзина страна.
Синсија Паолина Де Лио (56 г.), која предавала литература и филозофија во едно училиште во Венеција, наводно користела комбинација од боледување и одмор, како и дозвола да присуствува на конференции за да избегне предавања и некако успеала да ги избегне секојдневните обврски со децении.
Таа првично била отпуштена во 2017 година, но, откако се вратила на работа четири месеци, добила неколку поплаки за нејзиниот стил на настава. Италијанските медиуми пишуваат дека таа најчесто времето го поминувала гледајќи во мобилниот телефон за време на часовите и дека учениците ги учела работи кои воопшто не биле дел од наставната програма.
Минатата недела, врховниот суд на Италија ја укина пресудата од 2018 година, велејќи дека две децении отсуство од работа оставило „трајна и апсолутна неспособност за работа“.
Медиумите јавуваат дека маратонскиот процес докажал колку е тешко да се отпушти вработен во јавна служба.
Судот ги сослушал жалбите на учениците кои се жалеле дека професорката е слабо подготвена и дека не носи учебници, односно дека имала „импровизиран“ начин на оценување на нивната работа.
Надлежната инспекција во пријавата навела дека некои ученици протестирале и одбивале да дојдат на нејзините часови. Увидот утврдил и дека таа била „неподготвена и невнимателна“ додека предавала.
Синсија Паолина Де Лио ветила дека ќе ја претстави својата страна од приказната. Професорката која тврди дека сега работи како новинарка изјавила дека со задоволство би ги споделила фактите, но не веднаш. Таа тврди дека има документи кои можат да ја докажат нејзината страна на приказната, но кога новинарите од Италија стапиле во контакт со неа, таа не била расположена за разговор.
„Жал ми е, но јас сум на плажа во моментов. Не одговарам на новинарски прашања кои не соодветствуваат со вистинитоста на мојата приказна“, изјавила професорката.
По завршувањето на последната судска постапка, Министерството за образование на Италија најави дека се повеќе ќе се залага наставната дејност да се одвива со соодветно вештачење.
Пронајдете не на следниве мрежи: