„Сметам дека граѓаните сакаат да слушнат анализа, мислење, стратегија за тоа кој од проектите, политиките имаат национален, натпартиски, надетнички карактер за конечно да бидеме спремни да постигнеме консензус за некои прашања и проекти за да може да се водат и да не прекинуваат доколку се менуваат влади во следниот период, а се долгорочни, како на пример, за Клиничкиот центар“, вели носителот на листата на СДСМ во Изборната единица 4 и поранешен министер за здравство
Се знаеме лично со Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, но на овие избори и во кампањата нема да се занимавам со противкандидатите, треба да воведеме поинаква политичка култура, бидејќи на граѓаните им е преку глава да слушаат препукувања меѓу партиите – порачува во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Венко Филипче, носител на листата на СДСМ и коалицијата во четвртата изборна единица и поранешен министер за здравство. Ова беше негов одговор на прашањето – што мисли за директниот конкурент, носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во „четворката“, Александар Николоски.
„Сметам дека граѓаните сакаат да слушнат анализа, мислење, стратегија за тоа кој од проектите, политиките имаат национален, натпартиски, надетнички карактер за конечно да бидеме спремни да постигнеме консензус за некои прашања и проекти за да може да се водат и да не прекинуваат доколку се менуваат влади во следниот период, а се долгорочни, како на пример, за Клиничкиот центар. Така што, јас во оваа кампања би се занимавал со програмата и, дефинитивно, сметам дека нова нота, нов начин на практикување, малку поинаков начин на политичка култура и тоа како е потребен“,
вели Филипче.
Тој очекува и другите кандидати да ја разберат неговата порака – да не се влезе во партиско препукување и немање сенс за вистинските проекти и политики за кои е потребен консензус.
Филипче: Имајќи го предвид искуството, на пример, со проектот за Клинички центар, кој е од национален интерес, а во Собранието беше блокиран заради партиски политики – на тоа мислам кога велам консензус за суштинските промени во значајни сфери како здравство, образование, социјала. Има проекти кои траат повеќе од еден мандат на една влада, не може следна влада некој проект да го запре или да го политизира. Треба да сме свесни сите за важноста на моментот за спроведување такви проекти.
360°: По оваа логика, ако утре сте опозиција и ВМРО-ДПМНЕ излезе со нова идеја за клинички центар, ќе треба да ја поддржите?
Филипче: Апсолутно сметам дека сè што е во интерес на граѓаните треба да се поддржи.