Нема крај на катастрофални грешки во учебниците: Финците, Унгарците и Турците биле припадници на жолтата раса

По секојдневното обелоденување на кардинални грешки во учебниците кои пред крајот на првото полугодие ги добија децата во петто одделение, реакции за грешки стигнуваат и од родители и од наставници на ученици од повисоките одделенија. Дека Македонија на исток граничи со Албанија, а на запад со Бугарија, дека Монт Еверест е висок 29.305 метри, дека Марија Кири е добитничка на Нобелова награда за наука, а не постои Нобелова награда за наука, туку за хемија или за физика, не се последните катастрофални грешки кои ќе мораат да ги „голтаат“ децата. Оние во VIII одделение по географија учат дека Финците, Унгарците, Турците се жолта или монголоидна раса, пишува Фактор.

Истовремено пак, родителите на учениците од VIII одделение кои први укажаа на содржината во учебникот по географија, а кои припаѓаат на генерациите основно одделение во периодот пред осамостојувањето на Македонија, велат дека вакво нешто никогаш не учеле.

-Кога зема ќерка ми да ја чита оваа лекција останав запрепастена. Можеби постои некаква поврзаност со потеклото во текот на оние вековни процеси на преселбата на народите, но дека Унгарците или Финците или Турците се жолта раса, досега немам слушнато. Почнав да пребарувам по интернет, се што најдов укажува на тоа дека се бела раса. На пример, на Springer link, каде се објавуваат обемни научни истражувањеа, во написот за генетското потекло на Унгарците е наведено дека врз основа на анализите кои користат класични маркери, модерното унгарско население е многу слично со другите европски популации, особено со оние што зборуваат словенски и германски, додека фреквенцијата на генетските варијанти типични околу планините Урал е само 13% . Што се однесува до нашиот учебник, буквално како да е препишан од Википедија, која што е најмалку релевантен извор. Кој ги прави рецензиите, дали некој води сметка каков е крајниот производ, што ќе им се пренесе на учениците и до каде тие потоа ќе стигнат во животот, навистина не знам. Па нема секој пари за лични тутори и тоа по секој предмет. Ова што сега се случува во образованието никогаш не било, вели Соња Трајковска, мајка на осмоодделенка.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.