НЕТАНЈАХУ ЛУТ ПОРАДИ РЕЗОЛУЦИЈАТА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ Откажана посетата на израелската делегација на Вашингтон

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја откажа посетата на израелска делегација на Белата куќа, а како причина се наведува тоа што САД се откажаа од заканата за вето на гласањето во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).

Нетанјаху претходно се закани дека ќе ја откаже посетата на Вашингтон што беше закажана за почетокот на оваа недела, што и го направи откако Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која се повикува на итен прекин на огнот во Газа. САД беа воздржани.

За време на посетата на израелската делегација на САД требаше да се разговара за планираната израелска офанзива на Рафах.

Во соопштението од кабинетот на Нетанјаху се наведува дека САД со оваа одлука им штетат на воените напори и на обидите за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас во Газа.

Во соопштението се оквалификува одлуката како „јасно отстапување од конзистентната позиција на САД во Советот за безбедност од почетокот на војната“ и оти таа „му дава надеж на Хамас дека меѓународниот притисок ќе им овозможи да добијат прекин на огнот без ослободување на заложниците“.

За разлика од претходно, САД овојпат се воздржаа од гласање, додека остатокот од 15-члениот Совет гласаше за резолуцијата.

Советот на безбедност на ОН денеска усвои резолуција со која се бара „итен прекин на огнот“ помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, како и безусловно ослободување на заложниците. Првпат по шестмесечната војна во Појасот Газа, Советот за безбедност на ОН бара „итен прекин на огнот“ за време на Рамазан, што трае уште две недели.

Резолуцијата беше поднесена од десет непостојани земји-членки на Советот за безбедност, меѓу кои и Алжир, Гвајана, Малта, Мозамбик, Сиера Леоне, Словенија и Швајцарија.

Во претходните обиди постојаните земји-членки на Советот за безбедност на ОН ставаа вето, со што оневозможуваа усвојување на претходните резолуции за примирје во Газа.

САД досега ставија вето на три нацрт-резолуции, а Русија и Кина двапати го блокираа американскиот предлог.

Во резолуцијата се нагласува и итната потреба да зголемување на хуманитарната помош и интензивирање на заштитата на цивилите во палестинската енклава.

Пронајдете не на следниве мрежи: