Македонскиот актер Никола Ристановски, кој веќе неколку години живее и работи во Србија вели дека сакал да се занимава со архитектура, но сепак се пробал во глумата иако неколку пати бил одбиван на примен испит на Драмскиот факултет во Скопје.
„Имав на ум сериозна професија, архитектура. Но, тоа едноставно не се случи, којзнае зошто. Бев на приемен испит, но глумата ми се случи како моментална импресија. Веројатно се занимавам со глума затоа што четири-пет пати ме одбиваа на приемен испит. Да ме прифатеа веднаш, веројатно немаше ни да се занимавам со неа, ќе сфатев дека постои нешто друго“, раскажува Ристановски во интервју за Тв новости.
По одбивањата на примен се запрашал „Што е Боже, тоа што толку не ми го даваат?“, а потоа почнал кај него да проработува малку и инает.
„После тоа веќе немаше враќање назад. Кога конечно успеав да ја завршам академијата, доста брзо почнав да работам. Бев среќен поради тоа и така поминаа 30 години“, раскажал Ристановски.
Тој вели дека е голема привилегија да се биде на ова место и во ова време. Немаме резервни животи, додава актерот. За него е важно секој човек да си ја работи својата работа најдобро што може
„И Чехов во сите свои драми вели: „Треба да се работи““, вели во интервјуто Ристановски.
Ристановски играл во филмот на Паскаљевиќ „Буре барут“, Бјелогриќ „Монтевидео, Бог те видео“, Мариновиќ „Иглата на прагот“, „Зоолошката градина“ на Марко Новаковиќ, „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, „На Името на народот“ од Дарко Бајиќ.
Ристановски има улога и во последната сезона од серијата „Убијците на мојот татко“. Во шестата сезона на популарната крими драма, Никола Ристановски го толкува Арбен Чурнај, недопирливиот наркобос и убиец на таткото на главниот лик Александар (Вук Костиќ).
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.