Николовски: ВМРО-ДПМНЕ лаже, не се способни да организираат еден саем во странство

После неколкудневните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ за неадекватно трошење на народни пари, поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски денеска преку соопштение обвини дека владеачката партија лаже и демантира дека тој одлучувал каде ќе биде сместен за време на службените патувања додека беше министер.

„Бројките изнесени од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски се неточни и со истите манипулираат. Како пример ќе кажам дека цената на хотелското сместување во Вермонт беше препорачано од тамошните власти и не изнесуваше повеќе од 150 долари по вечер. Ние повторно сме сведоци на небулозни и смешни обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ, кои во рекордно време успеаја да ги влошат односите со сите соседи и да ги расипат напорите за изградба на соработки во последните седум години“, се наведува во соопштението на Николовски.

Тој вели дека цените на хотелските соби каде престојувал се во согласност со постоечките правилници, а хотелите се препорачани од македонските амбасади и претставништва во странство.

„Никогаш не сум одлучувал јас дирекно за моето сместување“, тврди Николовски во соопштението.

Тој вели дека службените патувања во странство резултирале со зголемен извоз на вино и земјоделски производи, учество на врвни саеми и промоција на македонски производи.

„Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ не се способни да се претстават на ниту еден саем во странство нити да ги промовираат нашите производи. Доказ за тоа е испуштеното учество на саемот Агра во Словенија, за кој патем, актуелниот министер ги купил авионските карти меѓутоа не бил присутен, а тоа е поради нивната неспособност да организираат достојно претставување на нашите производи во странство“, тврди Николовски.

Пронајдете не на следниве мрежи: