Одговорно и навремено креираме мерки за поддршка на секој еден земјоделец. Наша обврска како министерство е да го стабилизираме и зголемиме домашното производство, да го помогнеме производството на хрaна намалувајќи ги трошоците на земјоделците.
Преку мерките кои ги креиравме со Националниот план за производство на храна даваме конкретна поддршка кон земјоделците и секоја педа обработлива земја ја ставивме на располагање за обработка. Крајната цел е поголем домашен принос пред се на стратешки култури и помала увозна зависност на државата.
Поддршката кон земјоделците ја продолжуваме. На денешната владина седница предложивме и беа усвоени нови мерки за поддршка на земјоделците.
Интервентната програма ја дополнуваме со нова мерка вредна над 140 милиони денари за финансиска поддршка на млекопроизводителите по литар произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко во домашни капацитети за период од 1 октомври 2021 година до 30 септември 2022 година.
Целта на оваа интервентна мерка е поддршка во намалување на трошоците и на загубите кај млекопроизводителите, кои како резултат на светската криза, се јавија со последните поскапувања на репроматеријалите и сточната храна. Средствата за оваа мерка се веќе обезбедени преку ребалансот на буџетот.
Млекопроизводителите ја имаат нашата поддршка. Платежната Агенција уште во јуни оваа година изврши исплата кон 10.277 млекопроизводители во висина од 76,3 милиони денари за предадено млеко во период од јануари и февруари 2021 година. Од страна на Платежната Агенција до министерството за финасии се поднесени налозите за исплата и на предаденото млеко за март, април и мај 2021 година, кон околу 6.000 корисници во вредност од 150 милиони денари.
Преку програмата за рурален развој со мерката за набавка на високо педигриран добиток обезбедуваме поддршка кон сточарите за зголемување на сточниот фонд. За оваа мерка само оваа година склучивме 103 договори во вредност од 253 милони денари, преку кои го зголемуваме сточниот фонд за нови 3.842 грла високо педигриран добиток.
Исто така преку Програмата за рурален развој оваа година обезбедивме поддршка на сточарите во изградба на мандри. Поддршка е во форма на кофинасирање до 75% од вкупната сума, односно до 600.000 денари по корисник, а аплицираа 8 апликанти.
Согласно подготвената динамика веќе се реализирани исплатите на основните субвенциите кон сточарите по грло. Вкупно исплативме 670 милиони денари кон 20.261 сточар. Исплатени се субвенциите за обележани грла говеда, кози, овци, финасиска поддршка за огледани и заклани гоеници во регистрирани кланични капацитети и презимени пчелни семејства. До крајот на оваа година комплетно ги расчистуваме сите заостанати обврски кон земјоделците и започнуваме со авансна исплата на субвенциите.
Обезбедуваме доволно храна за сите граѓани. Леб, брашно, млеко и зејтин ќе има.
Дополнително на денешната седница Владата ја усвои и новата програма за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2022 година. За реализација на оваа програма Владата од буџетот издвојува 20 милиони денари.
Станува збор за нова програма со која овозможуваме финансиска поддршка за откуп, дистрибуција и пакување на јаболко од реколта 2022 година, а целата откупена количина на јаболка ќе треба да биде дистрибуирана до општинските и државни основни училишта во Република Северна Македонија, најдоцна до 15 декември 2022 година.
Со оваа мерка ги помагаме производителите на јаболка, но и обезбедуваме свежа и здрава ужинка за нашите деца во основите училишта. Преку оваа програма опфаќаме приближно 350 основни училишта, односно обезбедуваме здрава ужинка за околу 186.000 ученици.
Како министерство и Влада продолжуваме да работиме во интерес на земјоделците.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.