Брендот „Групер“ кој во македонската јавност е претставен како најголем успех на предлог-министерката за финансии Нина Ангеловска е всушност плагијат на американскиот бренд „Групон“- покажува истражувањето на „Економски Лидер“.
„Групон“ е успешна компанија со седиште Чикаго и свои претставништва на три континенти. Компанијата има над 6000 вработени и годишен прилив од над 14 милиони долари. Овој успешен и лиценциран бренд се занимава со продажба на купони за попусти кои ги продава онлајн и со кои можете да подигнете продукт од продавниците кои нудат попусти на страниците. Оваа прилично успешна компанија е основана во 2008 година.
Две години подоцна, во 2010, во Македонија, младата претприемачка Нина Ангеловска – која сега е кандидат за министер за финансии – ја отвора својата компанија „Групер“.
„Групер“ на Ангеловска, има идентичен бизнис модел со „Групон“, но, тоа не е се! Нејзината компанија, освен моделот, од компанијата од САД украла и многу други компоненти, што доаѓа во директен судир со законот за интелектуалн сопственост и трговски маркици.
Дека Нина Ангеловска направила плагијат, потврдуваат и од компанијата од САД, кои на нашето прашање дали постои поврзаност и помеѓу „Групон“ и „Групер“ и дали македонската компанија има лиценца за овој бизнис модел, ни одговорија дека од нас слушаат дека некој вака го злоупотребува нивниот бизнис.
-Немавме никаква информација за www.grouper.mk се додека вие ни ги спомнавте. Тие немаат никаква поврзаност со Групон. – кратко одговорија за „Економски Лидер“ од компанијата од САД.
Покрај идентичниот бизнис модел и сличниот назив на страницата (groupon.com и grouper.mk), Ангеловска од американците ги украла и боите, поставила сличен фонт на логото, но и самата концепција и организираност на интернет страницата.
Освен оваа очигледна сличност, евидентно е и дека двете компании имаат и идентично скратено лого од една буква, па и во двата случаи во прозорецот се појавува идентично „G”.
Во исто време, страниците со слични логоа, идентични бои, на идентичен начин ги продаваат своите услуги, што отвора сомнеж за директна злоупотреба.
Во регистерот на трговски маркици од Македонија, „Групер“ на Ангеловска е заведен од 2013, 3 години по основањето на компанијата. Од тука, се поставува прашањето, дали продавачката на купони и идна министерка ќе одговара за очигледното ставање на клиентите во заблуда со фабрикување на овој американски бренд.
Ангеловска, на последниот состанок на централниот одбор на владејачката СДСМ и покрај тоа што нема никакво искуство во раководење со државни финансии, беше предложена за министер за финансии.
Извор: „Економски Лидер“
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.