Заклучоците на Европската Унија за Западен Балкан ниту вчера не беа усвоени откако Словачка, Австрија и Чешка се побуниле дека ЕУ премногу ѝ попушта на Бугарија во завршниот текст, објави вчера Радио Слободна Европа, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.
Овие заклучоци досега редовно се усвојуваа на министерско ниво, но на последниот состанок на 8 декември тоа не се случи, бидејќи Бугарија ги блокираше, по што Германија се обиде да смисли нови заклучоци по желба на нашиот источен сосед.
Во новите заклучоци што амбасадорите ги усогласија завчера се споменува реченицата за „погрешно толкување на историјата“ во контекст на Македонија и Бугарија. Се очекуваше вчера заклучоците да бидат усвоени, но тоа не се случи затоа што Словачка, Австрија и Чешка сметаат дека вклучувањето на историскиот контекст во официјалните документи на ЕУ, создава преседан.
Владата, пак, завчера соопшти дека е разочарана што амбасадорите не ја усогласиле преговарачката рамка и ѝ порача на ЕУ дека не ги исполнува ветувањата што ги дава.
Зовриеност од попуштањето кон Бугарија
Според информациите вчера заклучоците за Западен Балкан биле тргнати од агендата откако утрото дел од земјите членки приговориле за фразите што се користени во поглавјето што се однесува на добрососедските односи. Конкретно, во завршниот текст е наведено дека е неопходно да се имплементираат Договорот од Преспа и Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија и дека „овие два чекори треба ефикасно да стават крај на сите тврдења засновани на погрешно толкување на историјата“. Бугарија беше задоволна и завчера ги одобри заклучоците што сепак вчера не беа усвоени.
За Словачка и за Чешка со вметнување на оваа реченица се нарушува кредибилитетот на ЕУ кон земјите кандидати и кон идните кандидати, но и кон процесот на проширување воопшто, а сметаат и дека може да предизвика проблеми внатре во самата Унија.
Бугарија исто така на завчерашниот состанок го блокираше и усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија, што ја предизвика македонската влада да ја обвини ЕУ дека прави огромна геостратегиска грешка.
„Владата и во овој случај изразува разочарување што ЕУ не најде начин да донесе позитивна одлука за усвојување на Преговарачката рамка, што ќе овозможеше првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија да се одржи до крајот на 2020 година, за време на германското претседавање со ЕУ. За жал, се потврди ветото на Бугарија со кое не се дозволува почеток на преговорите на нашата земја во ЕУ, иако според сите извештаи ние ги исполнивме сите критериуми. Ние испорачуваме, а ЕУ не ги одржа своите ветувања и во овој момент не го добиваме правилниот одговор. Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година, сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ.
Изневерени се оправданите очекувања на нашите граѓани, поттикнувани и охрабрувани од ЕУ и од земјите членки. Разнишана е довербата на голем дел од граѓаните на сите држави од Западен Балкан. Оваа грешка е мотивација за уште посериозно продирање на интересите на трети страни во срцето на Европа“, соопшти македонската влада.
Меркел зборувала со Борисов и уште се надева
Од Владата велат дека бугарските барања, кои немаат ништо заедничко со стратешки важното прашање за проширувањето на ЕУ, нема да го променат ставот дека за идентитетските прашања нема преговори.
„Владата ќе продолжи да разговара со Софија и да бара заемно прифатливо решение. Спремни сме да разјасниме одредени дилеми доколку има потреба, но нашите позиции се познати: Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. Договорот со Бугарија е добар и нема потреба од нов договор или анекс. Спремни сме за поактивна имплементација и дадовме предлог-акциски план за проекти меѓу двете држави, кои можат да ја унапредат соработката во различни области. Без разлика што ЕУ испраќа лош сигнал за вредноста на нашите домашни реформи и покажани резултати, Владата останува посветена на истиот стратешки колосек“, заклучува извршната власт.
Германија, чие претседателство со ЕУ завршува на 31 декември, до крај не се откажува од намерата Македонија да ги почне преговорите за време на нејзиното претседателство. Вчера канцеларката Ангела Меркел одговарајќи на пратенички прашања во Бундестагот рекла дека разговарала со бугарскиот премиер Бојко Борисов за Македонија, јави Дојче веле. Меркел добила критика од пратеникот од нејзината партија ЦДУ, Гинтер Крихбаум, во врска со неуспехот германското претседателство со ЕУ да ги започне пристапните преговори со Македонија како што беше ветено. Крихбаум оценил дека јавноста уште еднаш била сведок на злоупотребата на правата на земјите-членки во рамките на ЕУ. Тој ја прашал Меркел како ги оценува шансите во блиска иднина да се надмине блокадата на Бугарија, на што таа кусо одговорила: „Уште еднаш разговарав со бугарскиот премиер Бојко Борисов