Нова ера: САД одобри продажба на лабораториски одгледувано месо

Две американски компании, Upside Foods and Good Meat, денеска објавија дека добиле конечно одобрение од американското Министерство за земјоделство (USDA) да продаваат месо одгледувано во лабораторија.

Со ова одобрение, САД ќе станат втората земја во светот по Сингапур што ќе дозволи продажба на таканареченото култивирано месо, кое се добива од клеточни примероци на говеда што се хранат и одгледуваат во челични садови.

Овие компании се првите што го завршија процесот на повеќе чекори во САД за одобрување на култивирано месо. Американската агенција за храна и лекови (ФДА) веќе утврдила дека месото е безбедно за консумирање.
„Ова е остварување на сонот. Ова го означува почетокот на една нова ера“, рече извршната директорка на Upside Foods, Ума Валети.
Продажбата започнува од луксузни ресторани
Компаниите, кои произведуваат пилешко, планираат да ги служат своите производи прво во луксузни ресторани пред да го зголемат производството за да постигнат пониска цена за широка потрошувачка.

Пилешкото на Upside најпрво ќе се служи во Bar Crenn, ресторанот на готвачот Доминик Крен во Сан Франциско, објави компанијата. Good Meat објави дека ќе ја продаде својата прва серија пилешко на групацијата Jose Andreas, во сопственост на истоимениот готвач.
Компаниите сè уште ја утврдуваат точната временска рамка во која производите ќе се најдат на чинијата на „обичниот граѓанин“.
Upside објави дека наскоро ќе ја објави локацијата на новиот производствен погон во САД, кој ќе биде 10 до 20 пати поголем од постоечкиот во Емеривил, Калифорнија.

Сакаат да произведат алтернатива за љубителите на месо
Компаниите за одгледување месо се надеваат дека нивните производи ќе станат атрактивна алтернатива за љубителите на месо кои бараат поеколошки и похумана опција за нивните непца, кои можеби не се задоволни со вегетаријанските производи кои се веќе достапни на пазарот.

Сточарското производство генерира 14,5 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови, според Организацијата за храна и земјоделство на ОН (FAO).
USDA издаде одобрение за етикетите на двете компании на почетокот на јуни. ФДА му даде одобрение на Upside во ноември 2022 година и на Good Meat во март 2023 година.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.