Најдобриот тенисер на сите времиња Новак Ѓоковиќ стана најстариот лидер на АТП листата во историјата на „белиот спорт“.
Ѓоковиќ во понеделникот ја започна 419-та недела на врвот на АТП листата, а денеска стана најстариот број еден во историјата на тенисот, претекнувајќи го Роџер Федерер.
Српскиот тенисер со 36 години и 321 ден го надмина досегашниот рекорд на швајцарецот Федерер, кој имаше 36 години и 320 дена кога беше на врвот на АТП листата во 2018 година.
Федерер беше на првото место вкупно 310 недели во кариерата, а Ѓоковиќ веќе во понеделник ќе стигне до 420. недела на првото место.
Ѓоковиќ следната недела ќе игра на Мастерс турнирот во Монте Карло, каде е прв носител. Во првото коло е слободен, а во второто ќе игра против подобриот од дуелот Роман Сафјулин и квалификантот.
Тенисери со најмногу недели на прво место:
- Новак Ѓоковиќ 419*
- Роџер Федерер 310
- Пит Сампрас 286
- Иван Лендл 270
- Џими Конорс 268
- Рафаел Надал 209*
- Џон Мекинро 170
- Бјорн Борг 109
- Андре Агаси 101
- Лејтон Хјуит 80
Инаку, Ѓоковиќ и Надал се единствените активни тенисери меѓу првите 10 со најмногу недели на првото место. Во понеделник, на 8 април, Ѓоковиќ ќе ја започне 420-та недела на врвот на АТП листата.