Србите кои живеат на Косово и Метохија утрово почнаа да се собираат пред општинските згради во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. Пред зградите на тие општини има сили на косовската специјална полиција со шлемови и во целосна борбена опрема.
Има и сили на КФОР со војници вооружени со долги цевки и опрема за разбивање демонстрации, кои се распоредени пред и околу зградата на локалната власт во Звечан. Вработени во локалната самоуправа во Звечан дојдоа до општинската зграда, се обидоа да влезат, но полицијата ги запре на самиот влез, а во неколку обиди да упаднат во зградата, полицијата употреби солзавец.
Полицијата распореди специјалци на сите поголеми раскрсници на северот на Косово. Училиштата се затворени.
Ситуацијата од рано наутро е тензична на сите места на северот на Косово поради невообичаено голем број припадници на полицијата и КФОР.
Во петокот, по обидите на граѓани од северот на Косово да ја спречат полицијата да влезе во општинските простории во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, дојде до конфликт, во кој полицијата употреби солзавец, димни и шок бомби.
Неколку Срби беа повредени, а косовската полиција влезе во општинските згради и во нив ги внесе градоначалниците Албанци.
Ричард Гренел, поранешниот специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалог меѓу Белград и Приштина, утринава на својот Твитер профил објави дека „од мир и напредок до хаос и окупација“ на Косово.
„Војниците на НАТО окупираа згради во Косово. Тоа се американски војници и американски пари. Поминавме од мир и напредок за време на Трамп до хаос и окупација под Бајден. Бајден е толку слаб“, напиша Гренел.
Во својата објава на Твитер под наслов „последна вест“, Гренел сподели видео од улицата на која се наоѓа општинската зграда во Лепосавиќ, на која се гледаат бодликава жица и голем број припадници на КФОР.