Новиот ДУП носи реален простор за напредок во Ѓорче Петров, смета градоначалникот Стојкоски

Објаснувајќи зошто планот е донесен на вонредна седница, градоначалникот на Ѓорче Петров додаде дека Законот за просторно и урбанистичко планирање имал рок на важност до 18 февруари, недела, па ако ДУП-от не бил усвоен до тогаш, ќе пропаднеле 27-те илјади евра вложени во неговата подготовка и ќе морало да се вложат дополнителни 200 илјади евра за нов ДУП да се подготви според новите правилници

Деталниот урбанистички план (ДУП) за градска четврт СЗ 16 во Ѓорче Петров е целосно усогласен со Генералниот урбанистички план. Тоа е Детален урбанистички план којшто ќе донесе развој и реален простор за напредок на општината, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски.

Стојкоски вели дека Планот бил изгласан на вонредна седница на советот во саботата со цел да се избегнат понатамошни трошоци за општината доколку целата процедура требало да почне одново.

„Вонредна седница може да се свика во случај на елементарна непогода или во случај кога е доведена во прашање функционалноста на општината. Го искористивме вториот дел“,

рече Стојкоски.

Објаснувајќи ја оваа одлука, градоначалникот на Ѓорче Петров додаде дека Законот за просторно и урбанистичко планирање имал рок на важност до 18 февруари, недела, па ако ДУП-от не бил усвоен до тогаш, ќе пропаднеле 27-те илјади евра вложени во неговата подготовка и ќе морало да се вложат дополнителни 200 илјади евра за нов ДУП да се подготви според новите правилници. Првиот човек на општината истакна дека не можеле порано да го усвојат планот зашто ги чекале согласностите за него од Министерството за транспорт и врски. Тие, пак, пристигнале во петокот, на 16 февруари, дел во 14, а дел во 18:30 часот. Поради тоа, била донесена одлука да се свика вонредна седница во сабота на 17 февруари и да се усвои деталниот урбанистички план.

„Главната цел беше, како прво, како општина да заштедиме ресурси“,

рече Стојкоски.

Новиот ДУП, како што рече Стојкоски на денешната прес-конференција, бил изгласан со 13 гласа „за“ и 7 гласа „воздржани“, а немало ниту еден глас „против’. Воздржани, рече Стојкоски, беа советниците од СДСМ и еден советник од Левица.

На укажувањата од страна на скопската градоначалничка Данела Арсовска дека на рамки на овој ДУП предвидено е изградба на три индустриски објекти од хемиската индустрија, Стојкоски вели дека нема ниту една нова фабрика на постојната локација, туку е постоечката која има добиено многу помала развојна површина од тоа што имало претходно и нема градба на нови капацитети од индустријата.

„Проблемот во градот е што не знаат да ги читаат плановите кои самите си ги носат. Наместо сабајле кога ќе станат да гледаат со кого ќе се расправаат дента, нека се фатат за сериозна работа, да седнат да си ги прочитаат ГУП и а не ги оставаат на милост и немилост граѓаните на градот Скопје“,

додаде Стојкоски.

Стојкоски вели дека со новиот ДУП дадена е согласност од Министерството за труд и социјална политика за изградба на новата предвидена градинка која со последната измена на планот била вцртана и за која е дадена маркица која претходно не постоела.

„Една маркица за зграда избришавме, за да добиеме парцела за нова детска градинка. Од Министерството за труд и социјална политика имаме добиено согласност дека можеме да градиме во иднина“,

рече тој.

Градоначалникот, образложувајќи ги сите одобренија кои ги има добиено Општината, меѓу нив го наброја и тоа од Министерството за образование и наука за изградба на училиште.

„Добивме и одобрение од Министерството за образование за изградба на ново училиште. Со тоа делот на јавни дејности и делот којшто вклучува образование, предшколска и воспитна дејност се исполнети. Ова ќе биде првиот урбанистички план во Ѓорче Петров кој што се прави на неизградена површина и каде што ќе има можност да се постават темелите со правилна подземна и надземна инфраструктура и истиот е со функција да ги опслужи и жителите на соседните зони на живеење во Ѓорче Петров“,

додаде Стојкоски.

Според него, со носење на овој ДУП општината Ѓорче Петров финансиски е обезбедена една декада во иднина.

На новинарско прашање како ќе ги коментира обвинувањата на Арсовска дека овој ДУП е коалиција Заев-Мицкоски, Стојкоски рече дека нема намера да одговара на нејзините желби и амбиции.

„Што да очекувам на жена која на почетокот се претстави како врвен менаџер, како човек што сака да работи, како човек од теренот, а се претвори во политички инструмент, на одредени политички центри на моќ. Заплива во политички води кои и се непознати. И немам намера да одговарам на нејзините желби и амбиции“,

додаде тој.

Арсовска денеска на прес-конференција рече дека Советот на Општина Ѓорче Петров, без согласност од Град Скопје, викендов на седница изгласал измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) со кој дозволените градби на улицата „Ацо Шопов“ се драстично зголемени од пет ката плус поткровје, на 20 ката плус поткровје.

Според Арсовска, согласност за ДУП имало само од Агенцијата за катастар на недвижности, а Град Скопје дал две негативни мислења.

Градот Скопје, како што најави Арсовска, ќе поднесе кривична против градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, претседателот на Советот на општина Ѓорче Петров, Ленче Нелоска, и Весна Андреевска, која е вработена во Министерството за транспорт и врски. 

Од Уставниот суд, пак, најави дека ќе побара со времена мерка да ја запре примената. 

Реакција на обвинувањата на Арсовска попладнево стигна и од Министерството за транспорт и врски. Оттаму ги отфрлија како „паушални и лажни“ обвинувањата на скопската градоначалничка и додаваат дека, според увидот што го направиле во системот на е-урбанизам, јасно се гледа дека Град Скопје дури 72 дена не одговара на бараното мислење во однос на предметниот ДУП.

Пронајдете не на следниве мрежи: