Новиот шеф на канцеларијата на ЕУ во Косово, Аиво Орав, вчера на северот на Косово имаше повеќе средби со претставници на политичките партии и граѓанското општество од српската заедница.
„Посветен сум на блиска соработка со моите колеги со цел да се осигурам дека обврските на Косово кон сите заедници се целосно исполнети“, порача амбасадорот на ЕУ на платформата Х.
Орав во седиштето на Српската листа се сретна со лидерите на оваа партија, а во седиштето на Канцеларијата на ЕУ во Северна Митровица се сретна со претставници на невладините организации од српската заедница, пишува КоССев.
Орав одржал уште една средба со Србите од северот на која, според фотографијата објавена од Канцеларијата на ЕУ, присуствувале, меѓу другите, Марко Јакшиќ, Милија Бишевац од Српското народно движење и претседателот на Српската демократија, Александар Арсенијевиќ.
Српската листа на Фејсбук објави дека побарала од шефот на Канцеларијата на ЕУ во Косово „конкретни акции“ на ЕУ за заштита на Србите од постапките на властите во Приштина.
На средбата била презентирана тешката положба на српскиот народ кој „секојдневно трпи репресии на режимот на (премиерот на Косово) Албин Курти“ чија цел, како што се наведува, е прогон на српскиот народ.
Претставниците на најголемата партија на Србите во Косово, која има поддршка од Белград, на состанокот побарале ЕУ „да заземе јасна позиција во осудата на однесувањето на режимот во Приштина“.
Тие побараа „поголемо вклучување на меѓународната заедница, деескалација на ситуацијата на северот и конкретни активности на ЕУ за заштита на српскиот народ“, се вели во соопштението.
„Клучот за проблемите на Србите е во почитувањето на правата на нашиот народ, но и на потпишаните договори чиј гарант всушност е ЕУ“, се додава во соопштението.