Норвешка е подготвена да ја признае палестинската држава во соработка со други земји, изјави денеска норвешкиот премиер Јонас Гар Стјоре во присуство на неговиот шпански колега Педро Санчез, кој се залага за такво признавање.
„Норвешка е подготвена да донесе одлука за признавање на палестинската држава. Таа одлука мора да се донесе врз основа на време и контекст, во тесна соработка со истомислениците. Не одредивме конкретен датум“, изјави Стјоре во Осло на заедничката прес-конференција со Санчез.
Норвешкиот парламент во ноември усвои предлог со кој се бара од владата да биде подготвена да признае независна палестинска држава.
Норвешка, исто така, беше домаќин на првите израелско-палестински мировни разговори на почетокот на 1990-тите, кога беше постигнат договор, но не беше спроведен, за мирен соживот меѓу двете независни држави.
Шпанскиот премиер оваа недела тргна на турнеја низ Полска, Норвешка и Ирска за да разговара за „потребата за придвижување кон признавањето на Палестина“.
„Шпанија е јавно посветена да ја признае палестинската држава што е можно поскоро, кога ќе се поволни условите и на начин што ќе има најсилно можно позитивно влијание врз мировниот процес“, рече Санчез во Осло.
Според шпанските медиуми кои го придружуваа Санчез на неговата турнеја низ Јордан, Саудиска Арабија и Катар минатата недела, шпанскиот премиер тогаш го спомена крајот на јуни како можен датум за признавање на палестинската држава.
„Ја поздравувам иницијативата на премиерот Санчез да се консултира со истомислениците за да се зајакне координацијата, а таа координација ќе ја зајакнеме во наредните недели“, рече норвешкиот премиер.
Санчез инаку е многу критичен кон ставот на израелската влада на чело со Бенјамин Нетанјаху од почетокот на конфликтот во Газа.