Според извори во Обвинителството, на кои се повикува порталот „Сакам да кажам“, ОЈО ќе ги испитува индициите за фалсификување на уверението за положен ТОЕФЛ испит за познавање англиски јазик на Христовски. Ако сомневањата се основани, тогаш ќе се отвори предистрага и Обвинителството ќе бара докази со меѓународна правна помош од колегите од Бугарија, односно соработка со тамошното обвинителство.
Доколку Антикорупциската комисија во разумен рок не ги испита наводите од предметот за новоименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, предмет за случајот ќе отвори Обвинителството, информираат за МИА од ОЈО Скопје.
Според извори во Обвинителството, на кои се повикува порталот „Сакам да кажам“, ОЈО ќе ги испитува индициите за фалсификување на уверението за положен ТОЕФЛ испит за познавање англиски јазик на Христовски. Ако сомневањата се основани, тогаш ќе се отвори предистрага и Обвинителството ќе бара докази со меѓународна правна помош од колегите од Бугарија, односно соработка со тамошното обвинителство.
Неполна недела по назначувањето на Бојан Христовски за нов директор на АНБ, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оформи предмет за неговото именување, по пристигната анонимна претставка во која била оспорена законитоста на неговото именување.
Во интервју за „360 степени“ од минатата недела, Христовски рече дека во целост ги исполнува сите законски услови за именување на директорската позиција во АНБ, меѓу другото, дека поседува соодветен сертификат за познавање на англиски јазик – нешто што го оспори опозицискиот СДСМ, тврдејќи дека во Пловдив, каде што Христовски навел дека го добил сертификатот, не постои центар за полагање ТОЕФЛ-тест.