Хемикалиите кои се ставаат во козметичките производи се наменети за продолжување на рокот на траење, а воедно се и многу штетни за нашето здравје.
Што се парабени? Тие денес се синоним за опасност и сериозна болест. Тоа е причината зошто познатите компании гласно нагласуваат дека нивните производи се без парабени. А што се всушност парабени и зошто се наоѓаат во нашите козметички производи?
Парабените се хемиски конзерванси кои се користат за да го продолжат рокот на траење на козметичките производи и да спречат раст на микроорганизми. Во козметиката започнале да ги користат во 30-тите години од минатиот век. Од тогаш тие се наоѓаат во шампоните, кремите, кармините….
Немаат боја, вкус, ниту мирис. Производители ги сакаат бидејќи се евтини и овозможуваат нивните производи подолго да траат.
Но, човековото здравје не ги сака. Бројни истражувања покажуваат дека парабените се многу штетни, а било спроведено и големо истражување кое ја вознемирило светската јавност.
Имено, тоа било првото истражување кое ги поврзало парабените и ракот на дојка. Научниците напоменуваат дека е потребно да се спроведат дополнителни истражувања за да се открие точната поврзаност на оваа опасна хемикалија и развојот на канцерогени клетки.Поради „лошиот углед“ парабените во последните години се избегнувани од производителите. Некои научници предупредуваат дека и производите на кои пишува дека не содржат парабени треба внимателно да се користат.