Од „Вреди“ пред изборите велеа дека во влада треба да влезе тој што ќе освои глас повеќе

„Тие, исто така, кажаа дека ако добијат еден глас помалку би дале оставки и дека веќе ги верификувале тие оставки ако изгубат на избори. И самите нивни изјави додека траеше кампањата јасно потврдуваат кај кого е легитимитетот – кај победникот кај немнозинската заедница“, изјави шефот на изборниот штаб на „Европскиот фронт“

Ние сега сме концентрирани на потврдување на резултатите од изборите. Тоа што нѐ радува е дека сме апсолутен победник со 19 мандати. Сметаме дека легитимитетот кај немнозинските заедници припаѓа кај нас. 

Ова денеска го изјави шефот на изборниот штаб на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, Арбер Адеми, одговарајќи на новинарско прашање каква опозиција ќе биде ДУИ имајќи предвид дека нивниот политички ривал коалицијата „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ денеска ги почнале преговорите за идна владина коалиција, која е сè поизвесна. 

Од денешната прес-конференција на Арбер Адеми / Фото: МИА

Според него, прашањето за легитимитетот е потврдено и во политичката теорија и преку пракса во хетерогените општества каде што, како што рече, треба да се има предвид и волјата на граѓаните кои не се мнозинство.  

Тој дополнително додаде дека тоа е и во сржта на Охридскиот рамковен договор и на сите инструменти предвидени со него, вклучувајќи го и Бадентеровото мнозинство. 

Во однос на намерата на „Вреди“ да биде дел од идната влада, Адеми рече дека тие самите во предизборието изјавувале дека право за преговори за влез владата има тој што ќе освои глас повеќе.  

„Кажаа дека тие што имаат глас повеќе имаат право да преговараат за идната влада. Тие, исто така, кажаа дека ако добијат еден глас помалку би дале оставка и дека веќе ги верификувале тие оставки ако би изгубиле на избори. И самите нивни изјави додека траеше кампањата јасно потврдуваат кај кого е легитимитетот – кај победникот кај немнозинската заедница“,

рече Адеми.  

Шефот на изборниот штаб на „Европскиот фронт“, говорејќи во таа насока, додаде дека како земја ни треба стабилност и разумност.  

„Имаме многу прашања пред нас и големи обврски и затоа треба да имаме стабилна демократија и предвидливост во сите процеси што нѐ очекуваат“,

рече Адеми.

Прашан зошто дури денеска ја објавиле декларацијата која ја потпишале заедно со Арбен Таравари, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити на 13 јануари годинава, во која е наведено дека тие ќе соработуваат само со политичките партии кои се согласни за спроведување на уставните измени, Адеми рече дека не станува збор за нешто ново.  

„И самиот г. Таравари пред првиот круг на изборите во дебата со нашиот кандидат Бујар Османи рече дека имаме таков договор меѓу сите политички партии, дека треба да бидеме спокојни дека без уставни измени нема да има никаква влада, нема да учествува никој во таква влада. Но, сакаат да воспостават стандард за неодговорност за зборовите што ги кажуваме јавно и за секоја конкретна акција и дејствување. И за ова гледаме дека не постои одговорност кај опозицијата“,  

додаде Адеми.

Пронајдете не на следниве мрежи: