Говорејќи за односите со Бугарија и Договорот за добрососедство, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на држвата во интервју за емисијата „Вин Вин“ на ТВ Телма, вели дека преку еден акт или договор може да се дојде до заеднички став дека ветото ќе се употребува во однос на Копенхашките критериуми и оти тогаш тоа ќе биде легално и легитимно
Во Европската Унија (ЕУ) ќе бидеме почитувани и рамноправни ако сме построени, усторени и уредени според Копехашките критеруми, во спротивно ќе добиеме кој знае колку вета поради нивно неисполнување, вели пратеничката во Собранието и кандидат за претседател на државата на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска- Давкова.
„Ако сме правна држава, ако ги рушиме монополите, ако слободите и правата ни се најважни, ако имаме независно судство, ако се справиме со корупцијата и криминалот, ако имаме европско образование, а не 24, 30 правни факултети ‘фабрики за хартија’ и повеќе доктори на науки и професори по глава на жител од Британија, тогаш ќе бидеме слични“,
рече таа во вечерашното интервју за емисијата „Вин Вин“ на ТВ Телма.
Условот со уставните измени вели таа „апсолутно не држи“ и смета дека со менување на работите и европеизирајќи се ќе наидеме на подобар однос и на подобар одговор.
„Во ЕУ треба да се компатибилни…А оваа илузија дека уставните измени, па извинете колку пати го сменивме Уставот, ако сега треба да го смениме така како што е Преговарачката рамка за да почнеме преговори, инаку сме проруски или русофили апсолутно не држи. Ќе ни стават вето и ќе добиеме кој знае колку вета, зошто, па заради неисполнување на Копенхашките критериуми. Дека ако сега не го смениме Уставот готово ќе бидеме во аут, па добро, извинете колку пати ние всушност ги почнавме преговорите, да ве потсетувам. Од почнати преговори во авион, па од почнати преговори во Солун изјави на премиерот некогашен, па дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор и ништо, тоа е илузионизам“,
рече Силјановска-Давкова.
Говорејќи во оваа насока, таа кажа дека кога вели дека со соседите треба да се разговара со аргументи мисли на тоа дека и тие треба да ги признаваат европските вредности.
„Дали не е европска вредност да се почитуваат пресудите од Стразбур? Каква е таа држава чиј судија суди во Стразбур, а не признава пресуди на Стразбур што важат за неа. Што е страшно во тоа градење на пријателство. Реципроцитетот е запишан во Лисабонскиот договор кој што вели дека ЕУ ќе потткнува склучување на договори со земјите кои се кандидати или кои се соседи на членките врз реципрочни основи не го измислувам јас тоа, но не велам реципроцитет. Ако вие во Договорот за пријателство и добрососедство имате еден цел дел во којшто се вели дека Бугарија ќе го поттикнува нашиот пат кон ЕУ, ќе ни помага, дали ветото е таков инсттрумент“,
вели кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата.
Според Силјановска-Давкова со едно толкување, акт или договор, може да се дојде до заеднички став дека ветото ќе се употребува во однос на Копенхашките критериуми и тогаш тоа ќе биде легално и легитимно.
„Тоа се процеси, ветото се проблематизира. Јас не велам дека утре ќе го снема, но велам дека во оваа ситуација со Бугарија може, дали преку анекс, дали преку резолуција, дали преку меѓусебен договор, навистина заедно да зачекориме во стилот, во тактот на преамбулата (на Додоговорт за добрососедство) дека ќе бидат нашите промотори, дека ќе бидат нашите бранители и за час ќе се смени односот“,
рече Силјановска-Давкова.