Олабавување на рестрикциите од среда предлага Главниот кризен штаб. Полицискиот час ќе се намали и ќе почнува во 23, наместо во 21 часот, а угостителите ќе имаат дополнителни два часа за работа и гости ќе може да имаат до 22:30, но само во отворените делови.
Од Здравство велат, предлог-мерките се усогласени со актуелната епидемиолошка состојба во Македонија. Намален е притисокот врз болниците, бројот на новозаразени, но и Р0 факторот.
Сепак, според информации на Сител, Комисијата за заразни болести не заседавала за олабавување на рестрикциите. Седница ќе има утре изутрина, а попладне ќе одлучува и Владата. Според извори од Комисијата, некои членови не се согласуваат со ваквото олабавување.
Пулмологот д-р Злате Мехмедовиќ вели во изминатите неколку недели драстично се намалува бројот на хоспитализираните.
-Епидемијата полека стивнува во нашата земја. Бројките се намалуваат, се е поголем бројот на хоспитални кревети што ни се на располагање. И тоа оди повторно во корист на здравствениот систем, релаксација на истиот и можност на здравствените работници малку да здивнат од навистина оние преполни болници коишто ги имавме во текот на изминатите два месеци, вели Мехмедовиќ.
И покрај намалувањето на бројот на новозаразени, бројот на починати се уште е висок. Според Мехмедовиќ, тоа се должи на агресивноста на британскиот сој кој ги напаѓа и младите.
Здравствените капацитети и покрај намалувањето на притисокот остануваат Ковид-центри. Мехмедовиќ вели дека тие ќе се вратат во нормала и граѓаните ќе може да одат на прегледи и за други болести кога ќе се создадат услови за такво нешто.
-Се уште немаме услови создадено согласно кои можеме да кажеме дека болниците кои веќе се пренаменети во Ковид-центри да се вратат на своите стандардни клинички процедури за да може да работат во делот на ортопедијата, урологијата, пластичната хиругија, трауматологијата и се останато што беше пренаменето за да биде ковид-центар. За да дојдеме до таква ситуација треба пред се оние легла во оние делови што опслужуваат ковид пациенти да бидат доволни за бројот на хоспитализации за време на период којшто ќе биде покриен со тие новозаразени, вели Мехмедовиќ.
Во моментот на инфективните оддели ширум Македонија се лекуваат 1085 ковид-пациенти, најголем дел во Скопје.