Од утре ќе важат новите мерки, се зголемува периодот на забрането движење

Владата вчера ги соопшти новите засилени мерки за ограничено движење и подолготраен полициски час. Тие се воведуваат поради тоа што заразата се шири, граѓаните не ги почитуваат доследно досегашните мерки, има случаи на неодговорно однесување и со оглед на тоа што времето се затоплува и претстојат верски празници.
-Одговорноста на граѓаните не беше на висина на задачата којашто ја имаше секој од нас и многу лесно се преминува преку препораките кои ги даваат стручните лица и затоа ги донесовме и овие мерки за забрана на движењето, односно за зголемено времетраење на полицискиот час, истакна техничкиот премиер Оливер Спасовски.


Новите мерки ќе почнат да важат од утре, 8 април 2020, за целата територија на државата. Полицискиот час наместо во 21 часот ќе почнува во 16 и ќе завршува во 5 часот во работните денови, а во деновите од викенд (сабота и недела) ќе има целодневен полициски час за сите граѓани, односно од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник.Лицата над 67-годишна возраст од утре ќе може да се движат надвор само од 10 до 12 часот од понеделник до петок, а младите до 18 години во работни денови ќе може да излезат од дома само од 13 до 15 часот.
На јавни места се забранува да се движат повеќе од двајца граѓани во групи, освен ако се работи за родител со свои деца кои имаат до 14 години. За земјоделските активности, дозволено е движење во територијата на селата и тоа само за работни потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи. Исклучоци од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници ( ЈЗУ, ПЗУ и матичните лекари), како и за маркетите и рестораните кои се доставувачи на производи.
Спасовски истакна дека мерките се донесуваат по препорака на Комисијата за заразни болести, Главниот кризен штаб и Светската здравствена организација и дека највисок и постојан приоритет е заштитата на граѓаните и колективното здравје.
-Според експертите, во наредните две до три недели ќе го достигнеме пикот на бројот на заразени од коронавирусот, кој најверојатно ќе биде помеѓу 2000 и 2500 потврдени случаи. Фазата во која влегуваме е веројатно фаза во која ги очекуваме најголемите предизвици. Ова е нова радикална фаза и за стабилноста на здравствениот систем, заштитата на здравствените работници, за индивидуалното и колективното здравје, за економијата и за одржливоста на социјалниот и општествен контекст, истакна премиерот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.