Орбан, поточно неговиот кабинет се јави

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, со кого речиси сите во земјава го поврзуваат бекството на Никола Груевски, конечно се огласи или се огласија. Тој потврди дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски е во Будимпешта и дека тамошните власти го обработуваат неговото барање за азил во согласност со тамошните и меѓународните закони.
“Никола Груевски поднесе барање за азил до надлежните унгарски власти. Поранешниот македонски премиер ја соопшти својата намера да поднесе барање за бегалски статус во Унгарија“, се наведува во изјавата од кабинетот на Виктор Орбан, пренесува “Дојче веле“.
За причината зошто Груевски не завршил во транзитен центар, согласно унгарскиот закон, туку во Будимпешта од кабинетот на Орбан тврдат дека е безбедносна.
“Со оглед дека тој беше повеќе од 10 години премиер, од безбедносни причини унгарските власти му овозможија на Груевски да го поднесе барањето за азил и да биде сослушан во централата на Канцеларијата за имиграции и азил во Будимпешта“.
Од кабинетот на Орбан велат дека Македонија е стратешки партнер и важен сојузник на Унгарија.
“Добрата соработка меѓу двете земји е важен камен-темелник за развојот на балканскиот регион и на безбедноста во Европа. Актуелната македонска влада е партнер на Унгарија во меѓудржавните односи, и оттука на ниту еден начин не сакаме да интервенираме во внатрешните работи на суверена земја, и сметаме дека проценката за барањето за азил на поранешниот македонски премиер е чисто правно прашање“, се вели во соопштението.
На крајот на соопштението  се потенцира дека до крајот на целата процедура околу Груевски унгарските власти веќе нема да даваат информации на оваа тема.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.