Отворање на 14. Филозофски филмски фестивал

Вечерва започнува 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал со проекција на шпанско-аргентинската копродукција „Затвори ги очите“ [Cerrar los ojos / Close Your Eyes, 2023].

Со почеток во 20:30 часот во летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката на С.Македонија, посетителите ќе можат да ја проследат македонската премиера на енигматичниот и вдахновен поетски филм на 83-годишниот шпански режисер Виктор Ерисе [Victor Erice]. Во свечениот дел пригодни обраќања ќе имаат Андреј Медиќ Лазаревски, главен координатор на 14. ФФФ, Н. Е. Хосе Луис Лосано Гарсија, амбасадор на Кралството Шпанија во Скопје и проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на Официјалната селекција на долгометражни филмови на Фестивалот.

Впрочем, со ова ќе започнат и проекциите на филмовите од Официјалната селекција на долгометражни филмови, во која за наградите „Златен був“ (од жирито и публиката) ќе се натпреваруваат 5 (пет) филмови. Жирито годинава го сочинуваат: професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Славица Србиновска, српскиот филозоф Иван Миленковиќ и режисерот Јане Спасиќ).

„Затвори ги очите“ е богат и вдахновено поетски филм кој, според зборовите на самиот режисер, е
нежна ода за идентитетот и сеќавањето. Едноставната елеганција на филмскиот ракопис и
препознатливо одмерениот, многуслоен наратив се уште една потврда на фактот дека Ерисе
одамна си има резервирано место во вишите редови на европскиот режисерски пантеон: и на 83
години, 31 година по неговиот последен филм, демонстрира вештина на стар мајстор и свежина на
талентиран дебитант. Првото му дава за право да сними длабок филм за загубата и минатото;
второто, пак, храброст да експериментира со структурата за да избегне фетишизација на тагата и
да се фокусира на она што следува по неа – реакцијата, справувањето, спомените.
„Затвори ги очите“ годинава беше учесник на многу фестивали ширум светот, а својата долго
најавувана и нетрпеливо исчекувана премиера ја имаше лани, на Канскиот фестивал.

Освен Официјалната селекција за долгометражни филмови, оваа година на публиката ќе ѝ бидат прикажани: 16 (шеснаесет) филмови од Официјалната селекција на краткометражни филмови (исто така во конкуренција за две награди „Златен був“), 3 (три) филма од Ревијалната програма, секој проследен сo излагање од гостин на тема поврзана со филмот и дискусија со публиката, и 4
(четири) видеоесеја, во рамки на новоотворената Селекција на видеоесеи.

Придружната програма е посветена на американската режисерка Маја Дерен, и ќе бидат прикажани 6 (шест) нејзини видеоесеи. Како дел од Придружната програма, нашиот гостин од Србија, Иван Миленковиќ ќе одржи предавање на Филозофскиот факултет при УКИМ.

Вреди да се потенцира и издавачкиот дел на Фестивалот, во чии рамки се најавени зборникот „Филозофија и филм 2“ и преводот на „Запечатено време“ од Андреј Тарковски. Целосната програма со сите детали за филмовите и настаните е достапна на официјалната веб-страна на фестивалот: philosophicalfilmfestival.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: