Карате спортот го тресе голем скандал, откако Управниот одбор на карате федерацијата на Македонија (КФМ) донесе одлука репрезентативците кои ќе ја претставуваат Македонија на Европското првенство (ЕП) во Гвадалахара (22-26 март) сами да си го платат патот и сместувањето.
Тоа значи дека секој од 18-мината кои ќе нѐ претставуваат во шпанскиот град ќе мора да ја подмири сметката од 54.560 денари, колку што е проценето дека ќе чинат трошоците за овие две ставки.
Меѓу нив е и поранешниот двоен европски шампион Емил Павлов, кој за да се обиде да го повтори успехот од ЕП 2014 и 2018 година во Тампере и во Нови Сад ќе мора до својот џеб да извади скоро 1.000 евра, што е досега невидено во македонскиот елитен спорт.
Челниците на КФМ оставаат простор за враќање на средствата кои репрезентативците сами ќе ги платат за сместување и превоз во Гвадалахара, но дури откако ќе добие средства од Агенцијата за млади и спорт (АМС).
Прашање е само зошто тие пари не се однапред обезбедени и дали тоа е по вина на АМС или, пак, на матичната федерација, која гордо потенцира дека „самата ќе ги покрие трошоците за котизација за нашите натпреварували“.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.