Она што се гледа и што важно, како што кажа уставната судијка во Дневникот на ТВ Сител, е документот на кој е ставен потписот. А таму, вели, во сите документи стои уставното име на државата – Република Северна Македонија
Уставната судијка Ана Павловска не очекува дека пред Судот ќе се најде иницијатива со која ќе биде оспорена уставноста на дадена свечена изјава од функционер без да го изговори уставното име на државата, како што тоа беше случај со заклетвата на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
Ова беше едно од прашањата за кое Павловска-Данева го кажа своето мислење во вечерашното гостување во „Тема на денот“ во Дневникот на телевизија Сител.
Она што се гледа и што важно, како што кажа уставната судијка, е документот на кој е ставен потписот. А таму, вели, во сите документи стои уставното име на државата – Република Северна Македонија.
„Не, апсолутно не очекувам такво прашање да се најде пред Уставниот суд, бидејќи ние ги цениме актите. Да заклетвата е конститувен елемент од почетокот на секоја функција. Значи на личност којашто е избрана на функција, вклучително и нашата – уставни судии, не може да ѝ почне мандатот доколку не го помине тој чин, меѓутоа се гледа изјавата. Се гледа потписот на писмената изјава, каде што функционерот го ставил својот потпис. Таму во сите тие документи пишува Република Северна Македонија, вие може да изговорите што сакате. Непримерно е се разбира да изговорите што сакате, но ете се случува и најверојатно ќе се случува. Потписот е ставен на Република Северна Македонија и тоа е единствено меродавно за правото, да се смета дека изјавата е дадена и потпишана. Не сум во тек дека ќе се даваат под различни имиња изјави, меѓутоа за нас правниците формалниот чин е на што е ставен потписот“,
рече судијката на Уставниот суд, Ана Павловска-Данева.
Инаку, Павловска-Данева на неодамнешниот избор за претседател на Уставниот суд беше еден од кандидатите предложен за оваа функција, но не го доби потребното двотретинско мнозинство.
За нов претседател на Уставен по неколку круга гласање беше избран нејзиниот колега Дарко Костадиновски. Тој одговарајќи на прашања на првата средба со новинарите по изборот, не кажа дали заклетвата на претседателката на државата е уставна, додавајќи дека својот став ќе го каже кога ова прашање ќе биде исправено пред Судот.
За потсетување, претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова при при давањето на свечената заклетва во Собранието на 12 мај, повторувајќи по тогашниот претседател на законодавниот дом Јован Митрески, не го изговори уставното име, туку користеше само Македонија.
Претседателката одбегнува да го користи уставното име на државата и употребува само Македонија, повикувајќи се на правото на слободата за изразување. Во своето обраќање на мировниот самит за Украина што минатиот викенд се одржа во Швајцарија, претседателката ниту еднаш не го употреби името на државава во ниту една форма, туку се одлучи за формулацијата „мојата земја“, која ја изговори еднаш.
Од друга страна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски вчера изјави дека заклетвата како нов премиер ќе ја даде со уставното име на државата и дека во неговите настапи во странство ќе го користам уставното име на државата со придавката.
Инаку, Сиљановска-Давкова беше избрана за претседател на државата како кандидат поддржан од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.