Палевски спроведен во Истражниот затвор во Шутка



Љупчо Палевски Палчо вечерва со полициска придружба е спроведен во Истражниот затвор во Шутка, откако претходно слета на Меѓународниот аеродром во Скопје со редовна линија Истанбул Скопје, потврди за МИА директорот на затворот Филип Андов.

Палевски е во процес на примопредавање, потврди Андов.

Се очекува негов распит пред истражен судија и негов 30-дневен притвор во посебна ќелија, каде ќе биде под специјален безбедносен режим, без контакт со други притвореници.

Палевски е осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска на 27 ноември 2023 и на пензионерот Панче Жежовски. Тој лани на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, во обид да избега.

Палевски повеќе од пет месеци беше во шестмесечен екстрадициски притвор во Турција.

За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, кој е осомничен за помагање при бегството.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: